• петок, 22 ноември 2024

Харадинај: Османи е дел од штетните случувања за државата, треба да му се извини на Косово

Харадинај: Османи е дел од штетните случувања за државата, треба да му се извини на Косово

 

Приштина, 21 ноември 2024 (МИА) – Лидерот на опозициската Алијанса за иднината на Косово (ААК), Рамуш Харадинај побара од претседателката на државата, Вјоса Османи да му се извини на Косово за штетата што му ја нанесе со влегувањето во коалицијата која го донесе Албин Курти за премиер, јави дописникот на МИА од Приштина.

Коментирајќи го денешното годишно обраќање на Османи пред пратениците во Собранието на Косово, Харадинај за телевизијата РТВ21 изјави дека претседателката и самата е дел од штетните случувања за државата.

Поранешниот косовски премиер посебно се осврна на изјавите на Османи дека „не треба да се коцка со сојузите“ и дека „е потребна лојалност“ кон Уставот на Косово.

„Доколку претседателката верува во тоа што го кажа, ние веќе четири години ја повикуваме да ја повика својата свест и совеста и да им покаже на граѓаните дека случувањата во државата не се добри. Подобро доцна отколку никогаш, но има многу штетни случувања за државата. Има многу коцкање и нелојалност кон Косово од оваа коалиција, од ова мнозинство на кое припаѓа претседателката Османи. Поради оваа причина денеска не бевме на седница. Таа треба да му се извини на Косово затоа што создаде такво мнозинство, зошто го донесе Курти на власт и го задржа сиве овие години“, изјави Харадинај.

Партијата на Харадинај, ААК, заедно со најголемата опозициска партија во Собранието на Косово, Демократската партија на Косово, денеска, исто како и минатата година, го бојкотира годишното обраќање на Османи.

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан