Хамас тврди дека убил повеќе од 20 Палестинци кои краделе хуманитарна помош
- Министерството за внатрешни работи во Појасот Газа под контрола на Хамас извести дека убиле повеќе од 20 Палестинци во операцијата за спречување на злосторства поврзани со хуманитарна помош. Како што тврдат, акцијата била спроведена со помош на племенски одбори.
Газа, 19 ноември 2024 (МИА) - Министерството за внатрешни работи во Појасот Газа под контрола на Хамас извести дека убиле повеќе од 20 Палестинци во операцијата за спречување на злосторства поврзани со хуманитарна помош. Како што тврдат, акцијата била спроведена со помош на племенски одбори.
Во соопштението на МВР на Газа наведуваат дека елиминирале повеќе од 20 Палестинци кои биле дел од банди ограбувачи на камиони за транспорт на хуманитарна помош наменета за жителите на Газа.
-Денешната безбедносна операција нема да биде последна, изјавија претставници на Министерството за каналот Ал Акса на Хамас. „Ова е почеток на големата безбедносна операција која е планирана веќе некое време и ќе се прошири на сите вклучени во кражбата од камионите со помош“.
Дополнително, тие нагласија дека безбедносните сили „со железна рака ќе го казнат секој кој е вклучен во помагање на банди крадци“ и дека „безбедносната операција не е насочена против самите племиња, туку нејзината цел е да се елиминира феноменот на кражба на камиони кој има значително влијание врз општеството, предизвикувајќи глад во јужниот дел на Појасот Газа“.
Од 7 октомври 2023 година, кога започна конфликтот меѓу Израел и Палестина, на Интернет и во медиумите може да се најдат видеа на поединци како каменуваат камиони со хуманитарна помош и се обидуваат да ги украдат. Агенцијата на ОН за палестински бегалци (УНРВА) објави дека во саботата, на 16 ноември, конвој од 109 камиони со хуманитарна помош на ОН што превезувале храна бил насилно ограбен во Газа.
Според УНРВА, деведесет и седум камиони биле ограбени, а нивните возачи биле принудени под закана со оружје да ги растовараат хуманитарните резерви откако поминале низ преминот Керем Шалом со јужниот дел на Газа, кој е под контрола на Израел. Очевидци сведочат дека конвојот бил нападнат од „маскирани лица кои фрлале гранати“. мс/
фото: МИА архива