Францускиот караван на солидарноста донираше училиштен прибор во Крива Паланка
- Францускиот караван на солидарноста “ЕвропРаид“ (EuropRaid) што бележи десетгодишен јубилеј на патување низ Европа со хумана и културна мисија, денес пристигна во Крива Паланка, каде донираше училишен прибор за учениците од основното општинско училиште "Свети Јоаким Крчовски". Крива Паланка по петти пат е единствената македонска општина, домаќин на авантуристичкиот караван на четири тркала, составен од 660 Французи, со 220 коли пежо 205, кои во периодот од 2 до 23 август ќе минат низ повеќе од дваесет европски земји, минувајќи илјадници километри.
Крива Паланка, 14 август 2025 (МИА) - Францускиот караван на солидарноста “ЕвропРаид“ (EuropRaid) што бележи десетгодишен јубилеј на патување низ Европа со хумана и културна мисија, денес пристигна во Крива Паланка, каде донираше училишен прибор за учениците од основното општинско училиште "Свети Јоаким Крчовски".
Крива Паланка по петти пат е единствената македонска општина, домаќин на авантуристичкиот караван на четири тркала, составен од 660 Французи, со 220 коли пежо 205, кои во периодот од 2 до 23 август ќе минат низ повеќе од дваесет европски земји, минувајќи илјадници километри.
Во знак на гостопримство, во дворот на основното општинско училиште "Свети Јоаким Крчовски" се одржа пригодна свечена програма на која присуствуваа: Даниел Меркел, прв секретар во амбасадата на Франција во Република Северна Македонија, Бенџамин Леден и Џереми Белден од "ЕвропРаид", Жулиет Бертран, одговорна за логистика на "ЕвропРаид" и градоначалникот на Општина Крива Паланка, Сашко Митовски.
-Денес градиме мостови на пријателство и споделуваме заеднички вредности. Петта година по ред Крива Паланка е единствениот град домаќин што ширум ги отвора вратите за младите Французи и е една отворена куќа за овие млади луѓе кои ја носат пораката дека Европа не е само географски поим, туку е едно големо семејство на солидарност и заедништво. Упатувам благодарностдо сите учесници во караванот што секоја година носат радост во градот и упатуваат порака дека младите со својата енергија гарантираат дека светот може да биде подобро место за живеење. Благодарам до францускиот народ за донацијата за нашите ученици, рече градоначалникот на Општина Крива Паланка, Сашко Митовски.
Даниел Маркез од Амбасадата на Франција во земјава, рече дека му претставува чест и задоволство да биде вторпат во градот - домаќин на францускиот караван.
-Чест ми е да ја претставувам амбасадата на Франција во вашиот град. Ова е петти пат како во духот на солидарноста членовите на "ЕвропРаид" се пречекани срдечно од граѓаните на Крива Паланка. "ЕвропРаид" не е само авантура, туку е реализација на солидарност со човечка димензија на мисијата и проектот, со кој се донираат училишни материјали. Овој настан во Крива Паланка е во полза на градот, чествувајќи ја франкофонијата, охрабрувајќи ги учениците да го изучуваат францускиот јазик, пред сѐ, благодарение на професорката Елена Николовска, која вложува голем труд во тоа, рече Маркез.
На крајот се обрати Жулиет Бертран која истакна дека секој автомобил носи 70 килограми училиштен прибор, канцелариски материјали и играчки, кои ќе бидат донирани и распределени во руралните средини, во руралните училишта, на семејства од руралните средини и на учениците кои го изучуваат францускиот јазик.
"ЕвропРаид" е караван на авантуристи кои носат училишна и спортска опрема, а организаторите ја донираат на училишта во Босна и Херцеговина, Бугарија, Албанија и Северна Македонија. Нивната мисија покрај солидарност е запознавање на културата, традицијата и обичаите, како и националната кујна на земјите низ кои минуваат. За оваа прилика Општина Крива Паланка организира и богата културно-уметничка и забавна програма. Французите традиционално, ќе преноќат на спортскиот комплекс во градот по што, утре изутрина, ќе продолжат кон Бугарија. ид/аа/
Фото: МИА