• среда, 26 март 2025

Франција: Руската закана за Европа не е теоретска

Франција: Руската закана за Европа не е теоретска

Париз, 25 март 2025 (МИА) - Руската агресија против Европа „не е теоретска“, изјави денеска францускиот министер за надворешни работи Жан-Ноел Баро, реагирајќи на изјавата на американскиот претседателски пратеник за Блискиот Исток, Стив Виткоф, дека ваквата закана не е реална.

Во интервју за Фокс њуз во неделата, Виткоф изјави дека не верува оти рускиот претседател Владимир Путин има намера „да ја освои цела Европа“ и дека заканата е повеќе „теоретска“, бидејќи според него, рускиот лидер „сака мир“.

За време на посетата на Сингапур, Баро во изјава за новинарите на англиски јазик ја отфрли оваа констатација.

- Гледаме факти: Русија денес троши 10 отсто од својот БДП за одбрана, што е 40 отсто од нејзините буџетски трошоци, посочи тој.

Баро нагласи дека руската агресија во последните три години се проширила далеку од Украина, главно преку манипулација со информации, вклучувајќи влијание врз Франција, но уште поинтензивно врз земји како Романија, каде што претседателските избори беа поништени поради руска дезинформациска кампања.

- Затоа руската агресија не е теоретска, таа е конкретна и многу европски држави веќе ги чувствуваат последиците, истакна тој.

Францускиот министер додаде дека линиите на фронтот „се приближија“ до границите на Европската Унија по руската инвазија врз Украина во 2022 година.

Баро најави дека утре ќе отпатува во Индонезија, а потоа в четврток и петок ќе го посети Пекинг и Шангај, што ќе биде неговата прва официјална посета на Кина откако ја презеде функцијата. ссм/

фото: архива

Остани поврзан