Форум „Култура за развој“ и BEYOND: Сателит за Југоисточна Европа од 13 до 16 мај во Скопје
- „Хартефакт фонд“ од 13 до 16 мај во Скопје ќе организира форум „Култура за развој“ и „BEYOND: Сателит за Југоисточна Европа“, во соработка со европската мрежа за култура Culture Action Europe (CAE).
Скопје, 21 април 2026 (МИА) - „Хартефакт фонд“ од 13 до 16 мај во Скопје ќе организира форум „Култура за развој“ и „BEYOND: Сателит за Југоисточна Европа“, во соработка со европската мрежа за култура Culture Action Europe (CAE).
-Со овој настан градот се позиционира како важна точка на спојување на европските културни случувања и меѓународниот уметнички екосистем. Целта на овој собир е обединување на културните актери и социјално ангажираните уметнички практики, кои активно ги обликуваат и влијаат врз политиките на Европската Унија во областа на уметноста, позиционирајќи ги социјално ангажираната уметност и културните практики како директни чинители во процесите на креирање политики на европско ниво. „Хартефакт фонд“ го користи овој простор за да поттикне долгорочни промени, фокусирајќи се на суштинското влијание на културата врз општеството, надвор од стандардните проектноориентирани рамки, соопшти организаторот на настанот.
Форумот ќе ги истражи клучните предизвици со кои се соочува независната сцена во Западен Балкан – од пристап до одржливо финансирање и соодветна инфраструктура, до прашањата за управувачките рамки и видливоста на уметниците.
-Наместо само констатирање на овие пречки, преку дијалог меѓу независните организации, регионалните партнери и меѓународните мрежи, ќе бараме модели за одржлива и долгорочна структурна поддршка. Овие дискусии се врамени во пошироката цел за зајакнување на улогата на независната културна сцена и културните актери во обликувањето на идниот политички амбиент. Како дополнување на форумот, програмата продолжува со BEYOND Сателитот, носејќи ги во Скопје независните културни организации од Западен Балкан и водечките европски мрежи: Culture Action Europe (CAE), Меѓународната мрежа за современи изведувачки уметности (IETM), Европската мрежа на креативни хабови (ECHN) и Европската мрежа на културни центри (ENCC), додека програмата ја нагласува регионалната соработка како стратешки приоритет за „Хартефакт Фонд“, се наведува во соопштението.
„Хартефакт фонд“ наведува и дека ја поддржува социјално ангажираната уметност како значајна движечка сила за изградба на поотпорни општества преку соработката со регионалните мрежи Clubture (Хрватска), Кооператива (регионална платформа) и А25 (Бугарија),
-Ова партнерство ја зајакнува уметничката пракса и поттикнува активно учество во културните политички процеси на европско ниво. Скопје во трите дена ќе биде местото каде што соработката ги надминува границите, потврдувајќи ја независната култура како неопходно јавно добро за секое демократско општество, информира „Хартефакт фонд“ . хс/дма/
Фото: принтскрин