• среда, 27 ноември 2024

Формирана нова Комора на сметководители, финансиери и даночни обврзници

Формирана нова Комора на сметководители, финансиери и даночни обврзници

Скопје, 24 март 2023 (МИА) - Унапредување на деловното окружување за развој на сметководствено-финансиската и професијата на даночните советници, преку промоција, подигнување на професионалните стандарди и соодветно адресирање на предизвиците, е фокусот на активностите на новата Комора на сметководители, финансиери и даночни обврзници која е регистрирана и е дел од Сојузот на стопански комори.

За претседател на новата Комора е избран Ромео Костадинов, даночен советник со 30-годишно искуство од областа на економската, финансиска и сметководствена сфера.

-Професионалните сметководители, ревизори и даночни советници се пред постојан предизвик да го следат брзиот развој на технологиите, општествените промени, измените во законските регулативи, и сето тоа задолжително да го имплементираат во секојдневното работење на деловните субјекти. Уште позначајно е што на нивните анализи и извештаи се темелат и економските политики на државата. Заради тоа тие повеќе од голем број на други професии во континуитет инвестираат во стручна едукација и професионално усовршување, но сепак претпријатијата кои се занимаваат со овие дејности не можат реално да го валоризираат трудот кој го вложуваат. Комората која ја формираме станува нивниот партнер и поддржувач во унапредување на статутот на овие професионалци и издигнување и раст на нивните бизниси, вели Костадинов, долгогодишен управител во компанија чија дејност претставува даночно советување, организирање на семинари за професионално усовршување од економско финансиска, даноци и сметководствена  област.

Комората, како што стои во соопштението од ССК, со целиот свој стручен и професионален капацитет ќе работи на тоа да се наметне како рамноправен партнер на државните органи, образовните центри и другите институции од стопанскиот систем со цел постигнување на унапредување на професијата и постигнување на поширок општествен напредок. Исто така ќе се вклучи и во иницирање на рамноправно учество во подготвувањето на законите и останатите прописи од сметководствено, финансиска и даночна област како и во утврдување на стручните ставови и позиции за  целисходно вршење на дејностите.

-Акцент на активностите ќе се стави и на почитување и следењето на професионалните и етички стандарди на кои се темели квалитетот во работата. Паралелно ќе работиме и на грижата и одбраната на честа и независноста на професијата, поттикнувањето на соработката меѓу членовите на домашно и меѓународно ниво и промоција на услугите и дејностите“, истакнува Костадинов.

Со формирање и дејствување на новата Комора, активностите на Сојузот добиваат додадена вредност бидејќи секторите кои се опфатени имаат пошироки импликации во работењето на сите деловни субјекти и воопшто на економскиот и даночен систем во земјата. Сојузот на стопански комори на Македонија е најголемата национална деловна организација со 35 стопански комори, секторски, билатерални и регионални и со над 30 групации, здруженија и асоцијации. мч/дма/

Фото: ССК

Остани поврзан