• среда, 22 јануари 2025

Фон дер Лајен во Давос се изјасни за прагматичен однос со Трамп и пружена рака кон Кина

Фон дер Лајен во Давос се изјасни за прагматичен однос со Трамп и пружена рака кон Кина

Давос, 21 јануари 2025 (МИА) – Претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен денеска увери дека ЕУ ќе биде „прагматична“ во односите со САД по враќањето на Доналд Трамп во Белата куќа.

- Наш прв приоритет ќе биде да почнеме дијалог без одлагање за да разговараме за заедничките интереси и да бидеме подготвени за преговори. Ќе бидеме прагматични, но секогаш ќе стоиме на нашите принципи. Да ги браниме нашите интереси и да ги поддржуваме нашите вредности – тоа е европскиот пат, рече таа за време на Светскиот економски форум во Давос.

Европа влегува во нова ера на жестока геостратешка конкуренција и ќе треба да работи заедно за да избегне глобална трка до дното, истакна и Фон дер Лајен.

- Како што оваа конкуренција ќе се интензивира, веројатно ќе почнеме да гледаме честа употреба на инструменти како што се санкции, извозни контроли и царини, кои имаат за цел да ја заштитат економијата и националната безбедност, рече таа.

Сепак, Фон дер Лајен е категорична дека иновациите не треба да се запрат.

- „Во овој дух, ќе треба да работиме заедно за да избегнеме глобална трка до дното, додаде претседателката на ЕК.

- Со оглед на тоа што прекинувањето на врските во глобалната економија не е во ничиј интерес, ние треба што побрзо да ги модернизираме правилата за да ја одржиме нашата способност да создаваме взаемна корист за нашите граѓани, нагласи таа.

Според неа, Парискиот договор за климата продолжува да ја нуди најдобрата надеж за целото човештво.

- Европа мора да остане на курсот и да продолжи да работи со сите земји кои сакаат да ја заштитат природата и да го запрат глобалното затоплување, рече таа во врска со намерата на Трамп да ги повлече САД од договорот.

ЕУ, исто така, мора да ги надмине преостанатите бариери за нејзината енергетска унија и да инвестира во нова генерација технологии за чиста енергија, додаде Фон дер Лајен. Таа рече дека блокот треба да продолжи да ги диверзифицира своите извори на енергија и да го прошири еколошкото производство на обновлива енергија, додавајќи дека сето тоа ќе биде дел од новиот план што ќе биде претставен во февруари.

ЕУ е подготвена да „пружи рака и кон Кина и да ги продлабочи“ односите со Пекинг, додаде Фон дер Лејен. Таа прецизираше дека би сакала да се прошират врските во областа на трговијата и инфраструктурата.

- Време е да ги балансираме нашите односи со Кина во дух на транспарентност и реципроцитет, рече претседателката на ЕК.

Таа, исто така, најави дека наскоро ќе отпатува во Индија за да го „зајакне стратешкото партнерство“ со „најголемата демократија во светот“.

Во врска со Украина, Фон дер Лајен рече дека земјата треба сама да одлучува за својата територија, додавајќи дека ЕУ ќе продолжи безусловно да го поддржува Киев.

- Важно е Украина да остане независна држава и Украина сама да одлучува за својата територија, нагласи таа. јт/

Фото: ЕПА

Остани поврзан