• сабота, 23 ноември 2024

Финскиот парламент го избра конзервативецот Петери Орпо за нов премиер

Финскиот парламент го избра конзервативецот Петери Орпо за нов премиер

Хелсинки, 20 јуни 2023 (МИА) - Финскиот парламент денеска го избра лидерот на конзервативната партија Национална коалиција (НКП) Петери Орпо за премиер.

За Орпо, кој победи на парламентарните избори во април, гласаа 107 пратеници, а 81 од нив гласаа против. На гласањето не присуствуваа 11 пратеници.

Орпо во петокот го објави договорот за формирање на владата со уште три други партиии, во која е вклучена и десничарската, антиимигрантска Партија на Финците.

Тој е назначен за премиер според договорот што неговата НКП го постигна со Партијата на Финците, второпласирана на изборите во април, Христијанските деморати и Шведската народна партија на Финска. Четирите партии имаат 108 од вкупно 200 пратеници во финскиот Парламент.

Орпо денеска изјави дека на Финска, која е неодамнешна членка на НАТО, и требаат кратења во буџетот и ограничувања на имиграцијата, на што Партијата на Финците инсистираше во кампањата.

Новата влада, како и претходната, ќе има цврст став кон Русија, источниот сосед на Финска со која ја дели границата од 1.340 километри.

Аналитичарите проценуваат дека владата на Орпо ќе биде најдесничарската во финската историја, додека претходната, на чело со Сана Марин, беше коалиција на партии од левиот центар.

На изборите на 2 април НКП доби 20,8 отсто од гласовите, а Партијата на Финците 20,1 отсто од гласовите. Третото место го зазеде Социјалдемократската партија на Финска, Сана Марин со 19,9 отсто од гласовите. сд/

Остани поврзан