• четврток, 09 јануари 2025

Филипче: Граѓаните дури сега ја увидуваат вредноста на нашиот систем за раст на платите

Филипче: Граѓаните дури сега ја увидуваат вредноста на нашиот систем за раст на платите

Скопје, 9 јануари 2025

Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, во интервју за „Независен“ ја потенцираше разликата меѓу политиките на СДСМ и актуелната Влада на ВМРО-ДПМНЕ, нагласувајќи дека граѓаните сè повеќе ја чувствуваат тежината на штетните економски политики на Владата.

„Нашите мерки беа насочени кон граѓаните, додека политиките на ВМРО-ДПМНЕ се целосно насочени кон богатење на елитата. Едноставно е неверојатно дека денес, кога сите големи економски кризи се зад нас, Владата на ВМРО-ДПМНЕ на ‘чист економски терен’ спроведува политики што буквално ги осиромашуваат граѓаните,“ изјави Филипче.

Тој посочи дека СДСМ седум години работеше на создавање модел на деполитизиран и одржлив економски раст преку јасна методологија. „Тоа значеше дека платите, пензиите и социјалната помош ќе растат независно од тоа кој е на власт – дали е тоа Филипче или Мицкоски. Ова беше вистинска реформа, вистинска деполитизација,“ истакна Филипче.

„И што направи Мицкоски? Едноставно го уништи тој систем. Наместо одржлив раст заснован на јасни правила, сега се враќаме на праксата на изборно купување гласови. Пензии и плати ќе се покачуваат само кога ќе му биде политички удобно, без никаква методологија или систем. Ова е клучното економско назадување што го видовме во овие седум месеци,“ додаде тој.

СДСМ продолжува да работи во интерес на работниците и сите граѓани, дури и како опозиција. „Сите наши предлози за намалување на цените, за раст на платите и за подобрување на буџетот преку над 200 амандмани беа одбиени од ВМРО-ДПМНЕ. Тоа беа конкретни политики кои ќе го подобреа животниот стандард на македонските семејства. Но, очигледно е дека граѓаните и нивната подобра живеачка не се фокус на Владата,“ нагласи Филипче.

СДСМ ќе продолжи да биде глас на граѓаните и да се залага за политики што ќе донесат вистински напредок и стабилност.

Линк до целото интервју на претседателот Филипче: https://nezavisen.mk/vmro-dpmne-raboti-na-bogatenje-na-elitite-intervju-so-venko-filipche/

 

Филипче за „Независен“: Независните институции се парализирани, Владата го уништува нивниот интегритет

Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, во интервју за „Независен“, се осврна на скандалот со дипломата и сертификатот за англиски јазик на директорот на АНБ, Бојан Христовски. Тој ја критикуваше Владата за недостаток на политичка и правна одговорност за овој случај, како и за загрижувачката пасивност на независните институции кои се клучни за обезбедување владеење на правото.

„Најзагрижувачко е молкот на независните институции. Тие што беа најгласни за време на Владата на СДСМ сега како да се парализирани. Ги гледаме овие институции како тивки и бавни, што покажува дека Владата сака да го сузбие секој механизам за институционална контрола. Ова не е случајност туку планирани чекори за уништување на интегритетот на институциите,“ изјави Филипче.

Тој додаде дека граѓаните заслужуваат власт која ќе работи со одговорност и отчетност. „Очигледно, институционална одговорност за овие случаи ќе биде многу тешко да се обезбеди во вакви услови. Граѓаните заслужуваат власт која ќе работи во нивен интерес, со одговорност и отчетност, а не Влада која крие скандали и манипулира со вистината. СДСМ ќе продолжи да инсистира на целосна транспарентност и правна разрешница за сите случаи, бидејќи без тоа нема напредок ниту доверба во институциите,“ нагласи тој.

Филипче ги критикуваше скандалите како уште еден пример за непотизам и непрофесионалност во работењето на Владата. „Владата произведе серија скандали во рекордно краток период, а досега не видовме ниту политичка, ниту правна одговорност за ниту еден од нив. Тие ветуваа одговорност и транспарентност, но очигледно тоа не важи кога станува збор за нивните функционери,“ истакна тој.

Тој потсети дека за време на владеењето на СДСМ, институциите задолжени за борба против корупцијата имаа слобода да делуваат. „Сепак, не смееме да заборавиме дека токму додека СДСМ беше на власт, високи владини функционери беа процесуирани. Институциите кои се задолжени за борба против корупцијата слободно работеа и постојано покренуваа случаи. Ова е јасен доказ дека создадовме услови за институциите да функционираат независно,“ додаде тој.

 

СДСМ - Центар за комуникации со јавноста

________________________________________________________________________________________ 

МИА овие текстови ги објавува во интегрална и оригинална форма и не е одговорна за нивната содржина, ниту за евентуалните правописни недоследности или печатни грешки.

Остани поврзан