Филипче: Влезот во ЕУ значи обединување на сите Македонци
- СООПШТЕНИЕ - Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, од младинска трибина во Струмица испрати порака за обединување и враќање на европска иднина на државата, потенцирајќи ги придобивките за целиот народ, но, пред се за младите
Скопје, 1 јуни 2025
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, од младинска трибина во Струмица испрати порака за обединување и враќање на европска иднина на државата, потенцирајќи ги придобивките за целиот народ, но, пред се за младите:
„Бенефитот од влезот во Европа е многустран. Тоа е признание за нашиот идентитет, тоа е економски напредок, тоа е фер судство, тоа се повисоки плати, подобри услови за живот. Но најважно – тоа е начин за обединување на сите Македонци. Во и надвор од земјата.“
Филипче нагласи дека евроинтеграцијата не е апстрактен политички проект, туку битка за нормален живот:
„Кога млад човек ќе види дека државата му нуди фер систем, тогаш ќе остане овде. Ако не сториме ништо, ќе изгубиме уште илјадници талентирани млади луѓе. Тоа не смее да се дозволи.“
Социјалдемократите се посветени на тој пат, како наследници на АСНОМ и Илинден, со силна европска визија:
„Вие сте наследници на илинденците и асномците. Тоа е свето наследство. Наша обврска е да ја продолжиме нивната борба – денес преку знаење, учество, идеи. И да ја однесеме Македонија таму каде што припаѓа – во европското семејство на народите.“
СДСМ - Центар за комуникации со јавноста
Фото: СДСМ
__________________________________________________________
МИА овие текстови ги објавува во интегрална и оригинална форма и не е одговорна за нивната содржина, ниту за евентуалните правописни недоследности или печатни грешки.