• среда, 13 ноември 2024

Филиповски: Да ги унапредиме социјалните услуги на локално ниво

Филиповски: Да ги унапредиме социјалните услуги на локално ниво
Скопје, 30 септември 2021 (МИА) - Основната цел ни е да изградиме хумана заедница, општина која води грижа за секој граѓанин, за најмладите и за највозрасните. За највозрасните планираме активни центри за стареење, места каде се социјализираат, ќе имаат различни активности и меѓусебно ќе комуницираат, соопшти на денешната прес-конференција Александар Филиповски, кандидат за градоначалник на СДСМ и Коалицијата за општина Аеродром. Тој најави дека за поизнемоштените лица над 65 години и граѓаните со попреченост ќе воведат домашни посети. -Обучени тимови ќе вршат достава на продукти на овие граѓани. Ќе им бидат поддршка во домаќинствата и ќе им вршат тековни работи, рече Филиповски, додавајќи дека грижата за сите ќе биде подеднаква. Филиповски информира дека ќе ги подобрат и условите за настава на учениците со попреченост. Сите основни училишта ќе добијат сензорни соби кои ќе бидат опремени со наменски реквизити и материјали за полесно вклучување на децата во образовниот систем. -Еден од приоритетите во делот на социјалната заштита ќе биде и социјалното мапирање кое ќе се спроведе на територија на цела општина. На тој начин ќе бидат утврдени вистинските потреби на жителите со цел да ги унапредиме социјалните услуги на локално ниво, рече Филиповски. Додаде дека постојано ќе се консултираат со организациите кои работат во оваа област. мд/ац/

Остани поврзан