Фидан: Меѓународната заедница ги напушти, Турција беше сама со сирискиот народ
- Турскиот министер за надворешни работи Хакан Фидан изјави дека „Турција секогаш ќе биде со сириските браќа“.
Анкара, 11 декември 2024 (МИА) - Турскиот министер за надворешни работи Хакан Фидан изјави дека „Турција секогаш ќе биде со сириските браќа“.
-Во средина во која меѓународната заедница го остави сирискиот народ на сопствената судбина, Турција продолжи да стои сама со сирискиот народ, рече Фидан во обраќањето пред Големото национално собрание на Турција.
Тој нагласи дека е многу важно да се воспостави стабилност во Сирија по падот на режимот на Башар ал Асад.
-Сакаме да видиме Сирија во која владее спокојство и мир, каде различните верски и етнички заедници живеат во мир и која не создава нестабилност за нејзините соседи, рече Фидан.
Тој исто така посочи дека Израел го напаѓа суверенитетот и територијалниот интегритет на Сирија.
-Израел, кој влезе на сириска територија, цели кон суверенитетот и територијалниот интегритет на Сирија со освојувачки менталитет, рече Фидан.
Тој се осврна и на израелските напади врз Газа, велејќи дека тие продолжуваат со активностите за да се обезбеди траен прекин на огнот во палестинската енклава.
Башар ал Асад, лидерот на Сирија речиси 25 години, побегна во Русија откако антирежимските групи ја презедоа контролата врз Дамаск рано во неделата, ставајќи крај на владеењето на партијата Баас, која владееше со Сирија од 1963 година. мс/
фото: МИА архива