• сабота, 23 ноември 2024

ФБИ отвори истрага за убиството на новинарката на Ал Џазира, за Израел тоа е „сериозна грешка“

ФБИ отвори истрага за убиството на новинарката на Ал Џазира, за Израел тоа е „сериозна грешка“
Ерусалим, 15 ноември 2022 (МИА) - Соединетите Американски Држави го информираа Израел дека донеле одлука да го истражат убиството на Палестинката Ширин Абу Аклех, новинарката на Ал Џазира која беше убиена во мај, додека известуваше за израелската воена операција во бегалскиот камп Џенин на окупираниот Западен Брег.
Судејќи според првичните извештаи, истрагата ќе ја води Федералното истражно биро - ФБИ, пишува Тајмс оф Израел. Според израелските медиумиоваа одлука е голем удар за Владата на Израел и спроведувањето закони и се смета како недостиг на доверба во израелските способности да спроведат сопствена истрага за убиство. Како резултат на американската истрага, може да има барања да се истражат израелски војници и да им се суди. Израелската страна најпрво тврдеше дека новинарката била погодена од вкрстен оган и оти убиена е од страна на палестински екстремисти. Во септември беше објавен извештај на израелската војска, според кој таа веројатно е убиена од куршум испукан по грешка од израелски војник. Палестинската управа тврдеше дека жртвата била намерно цел. Кога беше убиена, за време на конфликтите меѓу вооружени Палестинци и војници, што избија штом војниците влегоа во кампот, 51-годишната новинарка носела шлем и заштитен елек со напис „прес“. Одлуката на САД е донесена по најави со месеци дека ќе биде отворена американска истрага, под силен притисок од семејството на Абу Аклех, која имаше американско државјанство, како и од членови на Конгресот од Демократската партија. За израелскиот министер за одбрана Бени Ганц, одлуката за истрага на САД, е „сериозна грешка“. Тој потсети дека израелската  војска спроведе сопствена истрага и наодите ги даде на администрацијата на американскиот претседател Џо Бајден. „Јасно им кажав на американските офицери дека ние стоиме заедно со војниците на ИДФ (Израелските одбранбени сили) и нема да сораборуваме ниту со една странска истрага и нема да дозволиме мешање во израелските внатрешни работи“, напиша Ганц на Твитер. Според семејството на новинарката, отворање на американска истрага за нејзината смрт е „важен чекор“. „Тоа е важен чекор кон одговорност и го доведува нашето семејство чекор поблизу до правдата за Ширин“, наведоа блиските на Твитер, оценувајќи дека американските власти имаат одговорност да спроведат истрага кога американски државјанин е убиен во странство, особено во случајот на Ширин, која била убиена од странска војска. Дел од медиумите пишуваат дека одлуката за американска истрага е невообичаена, имајќи ги предвид односите на САД со Израел. Одлуката е донесена откако израелската војска одбила судски да се гони војникот, осомничен дека ја убил долгогодишната новинарка на Ал Џазира, добро позната во арапскиот свет. бд/ссм/

Остани поврзан