• недела, 22 декември 2024

ФАЗ: Заемното влијание на Балканот и на Австрија врз радикализацијата на муслиманите

ФАЗ: Заемното влијание на Балканот и на Австрија врз радикализацијата на муслиманите
Берлин, 4 ноември 2020 (МИА) - Најновиот терористички напад во Виена ѝ наметнува обврска на Австрија да се посвети на проблемот на радикализација на граѓаните со муслиманска вера, чиј екстремизам не е само производ на средината од каде доаѓаат, туку сè почесто младите луѓе го прифаќаат екстремизмот во Австрија, објави денеска германскиот весник „Франкфуртер алгемајне цајтунг“ (ФАЗ). ФАЗ потсетува на старата анегдота „дека Виена е главен град на Балканот“ бидејќи во Австрија речиси половина милион луѓе имаат државјанство на некоја од балканските држави, а речиси една четвртина од вкупното австриско население имаат мигрантско потекло, што автоматски значи и голем процент на мигранти муслимани. Германскиот дневен весник посочува дека исламот на Балканот е „традиционално релативно либерален“ и оти за голем број балкански муслимани исламот „првенствено е дел од културниот идентитет, а помалку религија чии верски одредби мора строго да се почитуваат“. - Меѓутоа, констатацијата за релативно либералниот балкански ислам повеќе не важи без огради. Имено, мал број првенствено млади луѓе од балканските држави изминатите години многу се радикализираа. Тој тренд е видлив повеќе од 10 години, наведува ФАЗ. Според весникот нивната радикализација има последици врз Австрија, бидејќи етничките заедници од Балканот и понатаму одржуваат врски со земјите на нивните предци. - Радикализираните делови од исламските заедници на Балканот, од својата страна, се поврзани со исламистичките движења во Сирија и други делови од светот. Забележително бројни се младите лица од балканските држави кои отпатуваа во Сирија како џихадисти. Голем број таму загинаа, а повратниците терористи претставуваат голем предизвик за државите од региоинот, потенцира германскиот весник. ФАЗ посочува дека радикализацијата на виновникот за терористичкиот напад во Виена, кој е и државјанин на Северна Македонија, „подеднакво лесно можеше да се случи и во Австрија, без каква било поврзаност со Северна Македонија“, бидејќи е „познато дека и Австрија има голем проблем со исламистите кои претставуваат потенцијална закана“. - Уште во 2017 година (австриските) служби регистрираа повеќе од 300 лица кои како џихадисти се упатија во Сирија или Ирак. Тоа е многу во однос на бројот на жители. Бројот на потенцијално опасни исламисти кои останаа во земјатаво 2017годинја е проценет на илјада. Во центарот на тоа опасно милје чести се муслиманите со миграциска позадина од Југоисточна Европа и Русија, имено Чеченците, истакнува ФАЗ. Весникот се осврнува и на сознанијата на полицијата на Северна Македонијиа дека во земјата радикализацијата на муслиманите и врбувањето за џихад се спроведува во нерегуларните џамии, но подеднакви и преку интернет, без физичко присуство. ФАЗ посочува и дека е точна констатацијата на австрискиот канцелар Себастијан Курц дека не станува збор за судирт помеѓу христијаните и муслиманите или помеѓу Австријците и мигрантите, туку оти тоа е борба помеѓу „голем број луѓе кои сакаат мир и тие малубројните кои сакаат војна“, но оти тоа не ја ослободува Австрија од обврската за се посвети на радикализацијата на муслиманите во мигрантските кругови. Прашањата кои нужно се наметнуваат, според ФАЗ, е и прашањето на новинарот кој меѓу првите беше на местото на нападот во Виена – „како еден познат исламист познат на државните органи, кој бил осуден на строг затвор, можел да стапи во конатакт со Исламска држава, каде и кога набавил оружје, кого запознал во затворот и зошто не бил набљудуван од службите“. - Надлежните во Австрија најверојатно уште долго време ќе бидат посветени на тие прашања, во зависност од текот на истрагата на властите во Северна Македонија, заклучува ФАЗ. ми/

Остани поврзан