• четврток, 26 декември 2024

Учебниците по историја треба да се сменат до учебната 2024/25, опозицијата обвинува дека историските прашања се предмет на договарања

Учебниците по историја треба да се сменат до учебната 2024/25, опозицијата обвинува дека историските прашања се предмет на договарања
Скопје, 18 август 2022 (МИА) - Со Протоколот што е потпишан минатиот месец, владите на Северна Македонија и Бугарија имаат обврска во рок од две години откако ќе бидат постигнати некакви резултати и објавени, да ги спроведат, и тоа обострано врз принципот на реципроцитет, изјави вчера вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ во врска со препораките на заедничката Комисија за историски и образовни прашања, усогласени од македонска и од бугарска страна. Опозицијата, пак, обвинува дека историските прашања се предмет на договарања. – Со Протоколот што е потпишан минатиот месец, Владите имаат обврска во рок од две години откако се постигнати некакви резултати и објавени, да ги спроведат. Секако тоа оди во фази и низ филтрите на институциите. Она што е задача на Комисијата е да утврди точки и наратив текстови за заедничко чествување и за евентуална корекција во учебниците. Притоа да не заборавиме, тој текст којшто е договорен и Бугарија и Северна Македонија подеднакво имаат обврска да го имплементираат во својот систем и тоа функционира на принцип на реципроцитет, односно важечка е само доколку заедно ги имплементираме во двата системи, рече Маричиќ. Во однос на содржината на договореното, рече дека тоа останува на историчарите, но напомена дека е вредно да се спомене дека во Комисијата членуваат седум врвни историчари, кои ние како држава сме ги поставиле, вклучувајќи ги и оние коишто, вели, во меѓувреме заминаа од таа Историска комисија, а кои се согласиле околу текстот за цар Самоил. – Ние целосно ја поддржуваме работата на Комисијата, и се што можеме како институција ќе помогнеме. Секако ќе бидеме внимателни да го заштитиме нашиот интерес, бидејќи им веруваме на луѓето коишто работат таму, а сите чекори во врска со имплементација на договореното ќе бидат координирани со нашите филтри на институциите и со комисиите за учебници, со сите оние други инстанци во МОН и Владата и нема да направиме ниту еден чекор еднострано, значи се она што ние ќе го направиме би очекувале да го направи и Софија, рече тој. Тој оцени и дека евроинтеграцијата не зависи само од нас и не е добро да се лицитира со датуми, затоа што не можеме да предвидиме точно кога ќе се случи. -Нам ни е цел првото наредно проширување, кога и да се случи, Северна Македонија да биде дел од тоа проширување и тоа е достижно ако работиме интензивно на имплементација на стандардите на ЕУ и доколку ги водиме преговорите како што треба со ангажман на институциите и целото општество, вели тој. Тој потсети на порано презентираниот календар, кој е заеднички подготвен со Брисел, според кој скринингот ќе започне на 15 септември, а ќе трае до крајот на 2023 година. Во тек е интензивна комуникација со Брисел и се прават забрзани подготовки и во тренинг центарот на СЕП. Тој кажа дека процедурата за уставни измени во Собрание ќе почне во некоја понатамошна фаза и оти сега е рано да се зборува за тоа, бидејќи скринингот ни дава доволно време да ги изведеме уставните измени. – Сите опции се на располагање. Ние како Влада ќе понудиме платформа за поддршка на европските интеграции и сигурен сум дека ќе има можност таа платформа да ја подржат широк консензус на пратеници во Собранието, рече Маричиќ во однос на можните опции за обезбедување на двотретинско мнозинство за промена на Уставот за вметнување на Бугарите во Преамбулата. Според него, тоа нема да биде едноставно, токму заради, како што рече, „овој притисок и премногу пропаганда и лажни вести поврзани со договорот со Бугарија“. – ВМРО-ДПМНЕ и Мицкоски треба еднаш да дадат поддршка на нашите стратешки цели. Го пропуштија тоа за НАТО, што е жално за сите нас, но не би требало да го пропуштат за ЕУ. Се надевам дека ќе смогнат сили или како партија или како политички структури да дадат поддршка за овој процес, ние се уште немаме временска рамка, скринингот ни остава доволно простор да делуваме. Ќе работиме на ова интензивно, потенцира вицепремиерот Маричиќ. Опозицијата денеска повторно го повтори ставот дека власта нема неопходни 80 пратеници за уставните измени. Според ВМРО-ДПМНЕ, сепак историските прашања се предмет на договарања. -Брзо се покажа дека ВМРО-ДПМНЕ биле во право кога говореа дека Ковачевски и владата прифатија штетен предлог во кој обврските од Протоколот и историската комисија ќе доведат во ситуација државата или да се соочува со вечни преговори или со асимилација по бугарски диктат. Историската комисија пред два дена објави пакет одлуки со кои неколку историски личности, Цар Самоил, Кирил и Методиј, Климент и Наум Охридски се поврзуваат со средновековната бугарска држава, а дополнително за Македонија се предвидува минимализирање на конекциите со антиката на сметка на зголемено изучување на античките Дарданци и Тракијци. Со ова безмалку целата средновековна историја на Македонија се поврза со средновековна Бугарија, велат од ВМРО-ДПМНЕ.  Заедничката мултидисциплинарна македонско-бугарска комисија за историски и образовни прашања усогласи препораки што се однесуваат на заедничко чествување на пет историски личности – Св. Кирил и Методиј, Св. Климент, Св. Наум и Цар Самоил. Комисијата усогласи и по пет препораки за учебниците по историја за 6-то одделение во Северна Македонија и 5-ти клас во Бугарија, што се однесуваат на периодот на антиката. Препораките се објавени на веб-страницата на македонското МНР. Усогласувањето на препораките доаѓа еден месец по потпишувањето на Протоколот од страна на шефовите на дипломатиите на Северна Македонија и на Бугарија, Бујар Османи и Теодора Генчовска на 17 јули 2022 година, во кој е предвидено во рок од еден месец од потпишувањето на документот, двете држави да ги објават на интернет-страниците на двете влади веќе усвоените препораки од досегашната работа на Заедничката мултидисциплинарна комисија за историски и образовни прашања. Копретседателот на македонскиот тим од Комисијата Драги Ѓоргиев во понеделникот на брифинг со новинарите рече дека препораките не допираат во идентитетските прашања, и истите се посветени на тоа да се избегне митологизацијата на тој антички период на двете страни и да се избегне денешната национална перспектива. Ѓоргиев, во однос на учебниците, рече дека препораките се однесуваат на некои структурални недоследности во лекциите, потоа на фактографски грешки, историската географија, односно како се претставени одредени географски реони, бидејќи, како што рече, во тие сегменти забележавме најмногу пропусти и во двата образовни система. нд/вг/

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан