Успешна викенд акцијата во Куманово за собирање кабаст отпад
- Граѓаните имаа можност да го одложат отпадот на три локации, во три населби, Гоце Делчев, Бабин Дол и Тоде Мендол.
Куманово, 15 септември 2025 (МИА) - Успешно помина акцијата за собирање кабаст отпад во Куманово, што ја организираше јавното претпријатие „Чистота и Зеленило“ и Општина Куманово, соопштија денеска надлежните од комуналното претпријатие.
Граѓаните имаа можност да го одложат отпадот на три локации, во три населби, Гоце Делчев, Бабин Дол и Тоде Мендол.

- За разлика од претходните акции, овој пат акцијата беше повеќе од успешна. Во овој период често има внатрешно уредување на домовите, така што акциите имаат значење за нашите сограѓани. Тие штедат околу 3000 денари по приколка, што инаку би ја платиле за нашите услуги. Во наредниот период, планираме дополнителни акции, по барање на граѓаните, изјави директорот на ЈП „Чистота и Зеленило“, Ненад Стојановски.
Несовесни граѓани од Куманово исфрлаат фотелји, кревети, гарнитури на несоодветни локации, од комуналното претпријатие „Чистота и зеленило“ постојано апелираа до граѓаните да достават барања до нив за да се организираат акции за собирање на кабаст отпад.
- За две недели ќе организираме дополнителна акција. Сметаме дека на овој начин ќе воведеме ред при одлагање на отпадот и ќе спречиме создавање диви депонии на повеќе локации, додава Стојановски.

Често се случува ваков вид отпад да заврши и во речното корито. Кумановци, граѓански организации реагираат на ваквата појава која ја загадува животната средина и бараат од инспекциските служби соодветни санкции.
Изминатиот период се одржаа поголем број акции за собирање кабаст отпад. ам/дма/
Фото: МИА и „Чистота и Зеленило“