• сабота, 28 декември 2024

Усвоен најголемиот и најобемен буџет на Општина Ѓорче Петров од 1 милијарда денари

Усвоен најголемиот и најобемен буџет на Општина Ѓорче Петров од 1 милијарда денари

Скопје, 27 декември 2024 (МИА) - На денешната седница на Советот на Општина Ѓорче Петров бил усвоен најголемиот и најобемниот проектиран буџет во историјата на општината. Како што се наведува во соопштението од Општината, буџетот е развоен буџет, создаден со целосен фокус на потребите на граѓаните и значи инвестиции во инфраструктура, подобрување на квалитетот на живот и реализација на приоритетните барања на жителите на Општина Ѓорче Петров.

За капитални расходи наменети се 48 проценти од буџетот со вкупна вредност од рекордни 332 милиони денари.

Предвидени се 130 милиони денари капитални инвестиции за изградба на градинките. 

- Изградба на градинка во Стопански Двор, отпочнување на изградба на градинка во Дексион, изградба на градинка во План СЗ 16, населба Александрија, изработка на проект за детска градинка во План СЗ 03, населба Ново Село. Со овие капитални инвестиции, листата за чекање за прием во градинката „Росица“ ќе стане минато, се наведува во соопштението

Образованието, се подвлекува, останува врвен приоритет и затоа се предвидени доградба на основните училишта „Јоаким Крчовски“ и „Страшо Пинџур“ и изградба на спортска сала во ПООУ „Димитар Поп Георгиев Беровски“ во населба Хром.

За поддршка за учениците и семејствата се издвоени 1 милион денари за учениците со попреченост – прв пат во историјата на општината, посебни права за децата на семејствата на бранителите: 2,7 милиони денари за градинките 2,1 милиони денари за основните училишта, 1,6 милиони денари за бесплатна ужинка за првачињата и бесплатен транспорт за учениците во основните училишта каде што е потребен.

Дополнително, износот на еднократната парична помош е зголемен за 40 проценти односно 7000 денари за секое новороденче во Општина Ѓорче Петров!

Со новиот буџет предвидени се 80 милиони денари за изградба и реконструкција на улици и патишта.

- Реконструкција на улица Радушка – 13 милиони денари, реконструкција на улица Никола Вукмировиќ – 1,5 милиони денари, реконструкција на улица Николај Островски – 4 милиони денари, реконструкција на улица Вера Циривири – 2 милиони денари, продолжување на улица Социјалистичка Зора – 9 милиони денари и за изградба на локален пат за село Орман – 18 милиони денари, се појаснува во соопштенито.

Предвидени се впупно 7,2 милиони денари за позелена и почиста општина. 

За субвенционирање за набавка на клима уреди и топлотни пумпи – 1 милион денари, субвенции за набавка на велосипеди – 500 илјади денари, за нови садници и одржување на зелени површини – 4,2 милиони денари и за расчистување на диви депонии – 1,5 милиони денари.

- Во план е изградба на нов Еко парк во СЗ 20, во близина на спортскиот комплекс „Млади Лавови“, како и збогатување на културно-забавниот живот на жителите и поддршка на голем број спортски настани, манифестации, клубови и индивидуални спортисти. Новиот буџет на Општина Ѓорче Петров е гаранција за исполнување на овие цели, се вели меѓу другото во соопштението од Општина Ѓорче Петров. цр/дма/

Фото: Општина Ѓорче Петров

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан