• сабота, 23 ноември 2024

Усвоени одлуките за начинот на поставување на урбана опрема во Општина Центар

Усвоени одлуките за начинот на поставување на урбана опрема во Општина Центар
Скопје, 26 февруари 2021 (МИА) - Советот на Општина Центар, на последната 61-ва седница ги донесе Програма за поставување урбана опрема за дел од подрачјето на Општина Центар за период од 2020-2025 и Одлуката за утврдување потреба за поставување на урбана опрема и условите, начинот и постапката за издавање одобрение за поставување урбана опрема на јавни површини. Од општинската прес-служба информираат дека задача и цел на донесените документи е да се унапреди јавниот простор, да се подобри неговото користење, да се овозможи насочување и заштита на сите учесници во сообраќајот и да се обезбеди заштита на јавниот интерес. - Веќе подолг период Општина Центар е одлучна да воспостави ред со поставувањето времени објекти и урбана опрема на својата територија. Целта позади оваа тенденција е нерешеното прашање како се користат јавните површини, кој сѐ ги користи и под кои услови. Документацијата се донесува и со цел усогласување со Град Скопје за надлежностите за поставување на урбана опрема на јавни површини посочуваат од општината. Посочуваат дека со овие одлуки законските надлежности на Општина Центар ќе бидат издавање на одобренија за поставување на сите видови урбана опрема на јавни површини на дел од територијата на оваа општина, дел кој е опфатен со Програмата за поставување урбана опрема. -Со програмата за поставување урбана опрема се уредува видот и големината на урбаната опрема која се поставува на јавни површини, како и можните локации и зони каде да се поставува. Програмата опфаќа дел од територијата на Општина Центар, опфатите дефинирани со деталните урбанистички планови: Дебар Маало 1, Дебар Маало 2, Централно зеленило покрај реката Вардар и Мал ринг, појаснил градоначалникот на Општина Центар, Саша Богдановиќ. Предмет на обработка е само дел од територијата на општината за да се посвети поголемо вниманије и подетално да се обработи материјата. Во изработката на програма се користи делатална инвентаризација на состојбата на терен (зеленило, постојна комунална урбана опрема и инфраструктура), планираните решенија од актуелните детални планови и важечкиот Правилник за нормативите и стандардите при поставување урбана опрема донесен од страна на Град Скопје. Од општината потенцираат дека овие две одлуки имаат за цел не само да ѝ ги вратат законските надлежности на општината да дава одобрение за поставување урбана опрема, туку и да биде активен чинител за заштита на јавните простори на својата територија врз основа на закон. фф/ац/

Остани поврзан