• сабота, 16 ноември 2024

УСАИД ги презентираше успешните практики за ефективно собирање на општинските ресурси

УСАИД ги презентираше успешните практики за ефективно собирање на општинските ресурси
Скопје, 22 јуни 2022 (МИА) - Во рамки на проектот на УСАИД за зајакнување на капацитетите за искористување на ресурсите, денеска пред претставници на 40 општини од земјава, беа презентирани успешните меѓународни и домашни практики за ефективно собирање на општинските приходи од сопствени извори. Директорот за финансиска самоодржливост на проектот на УСАИД за зајакнување на капацитетите за искористување на ресурсите, Бардул Марку, во изјава за медиумите истакна дека на денешниот настан се споделуваат позитивни искуства од регионот и од државата. - Денеска сме тука во склоп на активностите коишто ги дава проектот на УСАИД за зајакнување на капацитетите за искористување на ресурсите. Собрани сме со 40 општини од РСМ за да споделиме позитивни искуства од регионот и од државата со цел да даваме наш придонес како УСАИД проект за подобрување на капацитетите за подобро планирање и прибирање на општинските извори на приходи, изјави Марку, кој изрази надеж дека искуствата кои ќе бидат споделени со општините, ќе помогнат тие да го подобрат нивниот фискален капацитет, а со тоа да даваат подобри услуги за нивните граѓани. Директорката на проектот на УСАИД за зајакнување на капацитетите за искористување на ресурсите, Гинка Капитанова, како поранешна градоначалничка објасни дека во текот на првата година на секој нов мандат, се зголемуваат очекувањата на граѓаните, и дека тие очекуваат подобри услуги. - Но ова не може да се случи без зголемувањето на финансиските ресурси под дискрецијата на локалните надлежности. Ако оваа корелација е добро објаснета, и ако има јасно разбирање како ќе бидат користени даноците и таксите, даночните обврзници, и граѓаните и бизнисите, ќе бидат мотивирани да плаќаат дури и повисоки даноци. Граѓаните се поотворени на промени во текот на првата година од новиот мандат, и градоначалниците треба да ја искористат таа можност, посочи Капитанова. Таа подвлече дека успешно зголемување на сопствените приходи е заснована единствено во двонасочна комуникација со даночните обврзници. Претставникот на канцеларијата на УСАИД во Северна Македонија, Џејмс Стајн, во своето обраќање се осврна на разликите помеѓу општините и нивните обврски кон граѓаните. - Сите знаеме колку се разликуваат општините во Северна Македонија, не само од урбан и рурален поглед или преку бројноста на популацијата, туку постои значителна разлика во човечките и во професионалните капацитети, како и во физичките капацитети, а и во способноста за зголемување на капацитетите на сопствените извори. Покрај тие разлики, сите општини ги имаат истите должности и одговорности да обезбедат квалитетни услуги за нивните граѓани. Главната цел на оваа поддршка е да се обезбеди на сите граѓани, без разлика каде живеат, да имаат подеднаков пристап до сите услуги со ист квалитет обезбедени во најрентабилен начин којшто одговара на сите услови и потреби, потенцираше Стајн. Од друга страна, на новинарското прашање дали имаат доволно ресурси нашите општини за да можат да планираат и да искористат се, од каде што можат да извадат повеќе пари, Бардул Марку одговори дека има ресурси, но треба да има подобро организирање на градоначалниците. - Да, општините имаат доволно ресурси на располагање, ние ќе дадеме наши предлози за подобрување на капацитетите, и на локално ниво, но исто така ќе поделиме искуства, односно предлози околу тоа што треба да се направи и на централно ниво со цел нивните ресурси да бидат подобро искористени на локално ниво. Значи има ресурси, меѓутоа треба да има подобро организирање, подобро планирање и малце повеќе ангажирање на градоначалниците и на локалната самоуправа во прибирање на тие приходи од локалната власт, рече Марку. Во однос на прашањето за злоупотребите, Марку посочи дека тоа е надвор од нивниот домен на активности и дека се фокусирани за давање на помош и обуки за управување на тие капацитети, но, исто така информираше дека се вклучени во проект со којшто заедно со Министерството за финансии даваат поддршка за редизајнирање или промена на законот за финансирање на локалната самоуправа со кој се предвидува зголемена фискална дисциплина на локалната самоуправа. Прашан за постојаната поддршка токму за зајакнување на капацитетите, дали тоа значи дека досегашната методологија нема ефект и дали треба да се подготви нова методологија, тој посочи дека најголемиот проблем е во недостигот на кадри по општините. - Има лепеза на активности и на надлежности кои треба да се спроведат од локалната самоуправа, капацитетите не се исти и тоа е основниот проблем, во меѓувреме се случило тоа дека во многу општини нема доволно кадар, луѓето ја напуштаат општината од разни причини, но пред се поради подобри плати, така да тоа е еден од проблемите, можеби и почетниот проблем којшто понатаму доведува до проблеми коишто не може општината да ги спроведува сите надлежности, подвлече Марку.сх/са/

Остани поврзан