• среда, 20 ноември 2024

Унапредување на соработката и дигитализација на процесите во фокусот на средбата на гувернерката и директорот на Царинската управа

Унапредување на соработката и дигитализација на процесите во фокусот на средбата на гувернерката и директорот на Царинската управа

Скопје, 20 август 2024 (МИА) - Соработката меѓу Народната банка и Царинската управа и активностите за нејзино продлабочување биле во фокусот на средбата меѓу гувернерката Анита Ангеловска-Бежоска и директорот на Царинската управа Бобан Николовски.

На средбата, како што соопшти денеска Народната банка, се разговарало за натамошната дигитализација на процесите на двете институции, особено поврзани со обезбедувањето податоци преку Системот за обработка на царинските декларации и акцизни документи (СОЦДАД), што се основа за составување на дел од надворешните статистики.

На состанокот била истакната важноста на меѓуинституционалната соработка во повеќе области, со посебен акцент на процесот на размена на податоците и информациите и потребата за зголемување на ефикасноста преку поголема дигитализација.

- Преку заокружување на проектот за користење на податоците од Царинската управа од страна на Народната банка преку современи веб-услуги, ќе се придонесе кон поефикасен систем на прибирање, изгoтвување и објавување на статистичките податоци, посочила гувернерката.

Директорот на Царинска управа посочил дека е потребно да се зајакне и подобри институционалната соработка, преку размена на податоци.

Од Царинската управа информираа дека ќе биде склучен меморандум во кој ќе се дефинираат ингеренциите и сетовите на податоци со кои располагаат институциите, што ќе придонесe за подобро следење на текот на парите и сузбивањето на криминалните дејствија меѓу кои и спречување перење пари и финансирање тероризам.

- Потребно е да ја зајакнеме и подобриме институционалната соработка, преку размена на податоци. Од аспект на државните интереси за жестока борба со криминалот, следењето на текот на парите, особено во делот на меѓународните трансакции е клучно, нагласил Николовски.

На средбата, велат од Царинската упарва, било договорено Народната банка да спроведе обуки за вработените во Царината во насока на зајакнување на институционалните капацитети во борбата против фалсификување пари. бак/нд/

Фото: Народна банка

Остани поврзан