• четврток, 30 јануари 2025

Укината суспензијата на Луис-Скели од Арсенал

Укината суспензијата на Луис-Скели од Арсенал

Лондон, 29 јануари 2025 (МИА) - Независна комисија ја разгледа жалбата на Арсенал и ја укина суспензијата од три натпревари на неговиот играчот Мајлс Луис-Скели, кој беше исклучен во натпреварот од 23. коло од англиското првенство со Вулверхемптон (1:0).

Судијата Мајкл Оливер по грешка му покажа црвен картон на фудбалерот. Видео судијата (ВАР) Дарен Ингланд не се обиде да ја поправи грешката и не интервенираше. Фудбалерите на Арсенал залудно протестираа кај судијата.

Луис-Скели направи прекршок за опомена, а не за црвен картон. Одлуката на Оливер доведе до огромен скандал. Во медиумите се потенцираат симпатиите на Оливер кон Њукасл, со кого Арсенал ќе игра во Лига купот на 5 февруари, како и статистиката на натпреварите на „Топџиите“, на кои овој судија често им исклучува фудбалери.

Ова не е прв пат оваа сезона судиската одлука за црвен картон да биде прогласена за неточна и да се поништи исклучувањето. Есента, капитенот на Манчестер јунајтед, Бруно Фернандеш, кој беше исклучен на натпреварот против Тотенхем, избегна суспензија. Исто така фудбалерот на Брентфорд, Кристијан Ноергард, кој доби црвен картон на натпреварот против Евертон, подоцна беше ослободен од суспензија. зс/

Фото: ЕПА

Остани поврзан