• вторник, 24 декември 2024

Турчин позитивен на коронавирус веќе 14 месеци

Турчин позитивен на коронавирус веќе 14 месеци
Истанбул, 15 февруари 2022 (МИА) - Најпозитивниот човек живее во Турција. За жал, не само според наравот, туку во однос на коронавирусот - Музафер е позитивен веќе 14 месеци или 78 последователни тестови, па тој веќе и се шегува за тоа.
- Претпоставувам дека ова е женска верзија на Ковид, бидејќи „таа“ е опседната со мене. И има топол дом бидејќи имам големо срце, вели тој.
Кога првпат се заразил, Музафер (56) мислел дека ќе умре. Дошол до едвај 50 килограми телесна тежина, а бидејќи боледува од леукемија, секое дополнително слабеење на имунитетот му отежнува. Повеќе од една година подоцна, заразата сè уште ја има, но и тој солидно се држи.
- Дојдовме до точка каде што болеста или ќе исчезне или ќе оди со мене в гроб. Нема друг начин, изјави Музафер Кајасан.
Имунокомпромитирани пациенти се изложени на поголема опасност од продолжена инфекција. Секој четврти заболен од леукемија не произведува антитела дури и по две дози од вакцината, според д-р Чагри Буке.
- Не можеме со сигурност да кажеме дали вирусот е сè уште активен или не, но има 99 отсто можност да не е активен и затоа не е заразен, рече тој.
Сè додека тестовите се позитивни, Музафер не може да се вакцинира, но негова најголема желба во мигов се малку поблаги мерки на изолација.  си/сд/

Остани поврзан