• сабота, 23 ноември 2024

Тупанчески: Интегритетот е еден од најефективните механизми за спречување на корупција

Тупанчески: Интегритетот е еден од најефективните механизми за спречување на корупција

Скопје, 23 мај 2022 (МИА) - Интегритетот е еден од најефективните механизми за спречување на корупцијата и е од големо значење за вршењето на судиската функција, особено заради тоа што поведението на судијата мора да ја реафирмира вербата на  граѓаните во судството, рече во своето обраќање, министерот за правда Никола Тупанчески на регионалната конференција на високо ниво која се одржува во хрватскиот град Шибеник на тема „Култура на интегритет-зајакнување на антикорупциските мерки“.

Како што информираат од Министерството за правда, Тупанчески се осврна на значењето на културата на интегритет, проценка на ризиците од корупција, заштита на укажувачите и управувањето со квалитет како нови алатки и стандарди во борбата против корупцијата кои истовремено претставуваат надградба на постојните конвенционални форми и механизми во оваа област.

Присутните на конференцијата беа информирани и за активностите што ги презема Министерството за правда во делот на законодавната агенда, како и за имплементацијата на стратешките документи кои се од голема важност за спречување на корупцијата и воспоставување институционален интегритет кој овозможува да се елиминираат можностите за појава на различни форми на корупција и неетичко однесување во јавниот сектор.

Министерот Тупанчески присуствуваше на конференцијата на покана на министерот за правда и јавна администрација на Република Хрватска, Иван Маленица, на која  учествувале и министри за правда од регионот на Западен Балкан, како и претставници на регионални и меѓународни организации и здруженија кои се вклучени во борбата против корупцијата. ар/сп/

Остани поврзан