• среда, 25 декември 2024

Тројца ученици од ДМБУЦ „Илија Николовски - Луј“ - Скопје освоија први награди на Меѓународен натпревар во Ниш

Тројца ученици од ДМБУЦ „Илија Николовски - Луј“ - Скопје освоија први награди на Меѓународен натпревар во Ниш

Скопје, 5 април 2023 (МИА) - Тројца ученици од ДМБУЦ „Илија Николовски - Луј“ - Скопје се натпреваруваа и освоија први награди на 16 биенално издание на реномираниот Меѓународен натпревар на млади пијанисти во Ниш, што се одржа од 31 март до 4 април 2023 година. 

Како што информира ДМБУЦ „Илија Николовски - Луј“ - Скопје, тројцата претставници Милан Дучевски (од класата на проф. Катерина Ќетковиќ Фидановска), Милица Станковиќ (од класата на проф. Верица Шотаровска) и Тамара Трпезановска (од класата на проф. Маријана Влаисављевиќ) се натпреваруваа во средношколските категории и се здобија со први награди.

Милан Дучевски, ученик од трета година, како лауреат во својата категорија, настапи и на свечениот концерт на победниците, кој се одржа вчеравечер во Ниш.

Меѓународниот натпревар на млади пијанисти е во организација на Музичката школа Ниш под раководство на директорката Споменка Шпириќ. На натпреварот, кој прослави 30-годишен јубилеј, учествуваа над 150 учесници пијанисти од регионот и пошироко кои се натпреваруваа во повеќе возрасни категории пијано и пијано дуо.

Во меѓународното оценувачкото жири составено од еминентни пијанисти и педагози членуваше и проф. Даница Стојанова, реномирана и докажана пијанистка и професор, а сега актуелен директор на ДМБУЦ „Илија Николовски – Луј“ - Скопје.

-Наставниците заедно со своите ученици од ДМБУЦ „Илија Николовски – Луј“ - Скопје се постојано ангажирани да се претстават на меѓународна сцена надвор од рамките на училиштето, а се со цел да го одржат високото ниво на професионализам и изведувачка пракса, се вели во соопштението. мд/са/

Фото: ДМБУЦ „Илија Николовски - Луј“ Скопје

Остани поврзан