• понеделник, 23 декември 2024

Трипуновски за одлуката на Костадинов за напуштање на ЗЕЛС: Градоначалникот непотребно употреби политика

Трипуновски за одлуката на Костадинов за напуштање на ЗЕЛС: Градоначалникот непотребно употреби политика

Скопје, 2 ноември 2024 (МИА) – Градоначалникот вмеша политика во целата ситуација, иако се ставивме како Влада да помогнеме за да се надмине проблемот и граѓаните да не трпат од недостиг на вода за пиење, изјави министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Цветан Трипуновски по одлуката на градоначалникот на Струмица Костадин Костадинов за напуштање на ЗЕЛС поради проблемите со водата за пиење. 

Одговарајќи на новинарски прашања денеска Трипуновски рече дека него го загрижува тоа што во изминатиот период, како што рече, согласно неговите сознанија,  локалната самоуправа „многу малку или речиси воопшто не инвестирала во фабриката за вода за да се превенираат вакви ситуации“.

-АД Водостопансство управува со браната Турија која се полни од сливното подрачје кое го покрива и нашата обврска е општините кои гравитираат во тој регион си ја земат водата од браната. Останатата законска обврска е на самата локална самоуправа да обезбеди питка вода за граѓаните коишто ги покрива. Значи, тука се разделени тие надлежности, така што мислам дека непотребно градоначалникот употреби политика, дали сакаше да поентира, дали се бори за втор мандат, не знам, тоа ќе си проценат граѓаните, но она што ние како влада го кажавме е дека навистина стоиме на располагање, тоа е нашата обврска, рече Трипуновски по отворањето на манифестацијата  „Вкуси ја традицијата преку домашна здрава храна“.

Во однос на водоснабдителните системи на општините кои во голем дел се застарени, министерот рече дека во буџетот за 2025 година се предвидени средства за враќање во функција на сите системи кои се уништени.

-Не можеме да размислуваме за кванитативно и квалитетно земјоделско производство без доволно или воопшто да нема вода на земјоделските површини. Затоа нашиот приоритет, покрај поддршката, субвенциите, програмите, ќе биде и враќање на системите во функција. Во текот на зимскиот период, кога не е сезоната за наводнување АД Водостопанство, Управата за водостопанство, Министерството, сме фокусирани  на набавка на резервни делови, на санација на системите, се со цел сезоната за наводнување на 15 април идната година да ја дочекаме спремни и да немаме вакви проблеми како во минатото, рече Трипуновски. хс/цр/

Фото: МИА 

 

 

 

 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан