Трет повик за поддршка на млади претприемачи за развој на идеи за социјални и зелени бизниси
- Во рамки на проектот „RISЕ“ е отворен третиот повик за поддршка на млади претприемачи од регионот на Западен Балкан за развој на идеи за социјални претпријатија, преку кој им се нуди на млади
Скопје, 18 октомври 2022 (МИА) - Во рами на проектот „RISE“ е отворен третиот повик за поддршка на млади претприемачи од регионот на Западен Балкан за развој на идеи за социјални претпријатија, преку кој им се нуди на младите едукативна и финансиска поддршка со цел да ги трансформираат идеите во бизниси кои им помагаат на заедниците и ја заштитуваат животната средина. Тимот на АРНО ги повикува македонските млади да формираат тимови и да аплицираат на повикот преку пополнување на формуларот до 31-ви октомври.
Претставниците на АРНО, денеска на брифинг информираа дека учесниците кои ќе бидат избрани во идеациската фаза ќе имат можност да учат од искусни ментори и експерти за зелено буџетирање, видови на бизнис модели (покрај класичното продај-купи), ефективни и креативни комуникации со јавноста и слично. Исто така, победничките тимови од првата фаза ќе добијат и финансиска поддршка (без обврска да регистираат ново правно лице, иако би биле силно охрабрени за таков чекор), и дополнително, на победниците ќе им следува и мини грант за регионална мобилност со кој ќе бидат во можност да посетат друга идеја/институција од регионот корисна за нивниот развој.
- Во Европската Унија се зголемуваат фондовите за социјалните претпријатија, и одлично е што и кај нас ќе се носи закон за социјално претприемништво и оваа тема ќе биде се повисоко на агендата. АРНО ги охрабрува младите, но и колегите од здруженијата, медиумите, општините, приватниот сектор да се вклучат во програмите во каков формат, особено кога светот го „тресат“ енергетски, безбедносни и економски кризи. Ние преку друг натпревар во АРНО видовме како млади од соседна Грција уште пред седум години формираа енергетски задруги и зајакнаа цели села благодарение на социјален бизнис. Сведочиме за успеси и на наши млади и очекуваме тие и сега да покажат иновативност, оптимизам и амбиција, изјави Марјан Ицоски, координатор на проектот во АРНО.
Во првите две изданија на RISE на регионално ниво поддржани се вкупно 274 млади и 88 идеи од Западен Балкан, од кои денес дел прераснаа во функционални социјални бизниси, освоија и други регионални награди, грантови и го привлекоа вниманието на донаторите и медиумите. Преку оваа програма млади луѓе од регионот основаа социјални бизниси кои преку изработка на облека и модни додатоци интегрираат жени-бегалки во Србија, овозможија планинарски тури за промоција на локален алтернативен туризам и поддршка на локалното население во Валона, Албанија воведоа нов концепт на градинка на отворено, камп, во Штип и многу други успешни приказни.
Поради успехот и препознаениот потенцијал на социјалната економија за развој на регионот, проектот RISE покрај изминатите три, ќе работи со младите и во наредните три години преку јакнење на нивните капацитети и вмрежување на сите чинители.
Проектот RISE е предводен од конзорциум составен од Регионалната канцеларија за младинска соработка (RYCO), ГРУПА СОС Пулс (SOS Pulse Group), Мрежа за млади на Југоисточна Европа (SEEYN), и Француско-германската канцеларија за млади (ОFAJ). Го спроведуваат шест локални инкубатори, АРНО (Северна Македонија) Балканска Зелена Фондација (Косово)*, Нешто више (Босна и Херцеговина), Смарт Колектив (Србија), ИЕЦ Технополис (Црна Гора) и Социјален Бизнис ЈУНУС (Албанија). RISE е кофинансиран од Француската агенција за развој (АFD), Регионалната канцеларија за младинска соработка (RYCO) и Еразмус + програмата на Европската Унија.см/лв/