• сабота, 23 ноември 2024

Тренчевска: Ќе имаме нов Општ колективен договор за јавниот сектор со кој ќе се обезбеди постојан раст на платите

Тренчевска: Ќе имаме нов Општ колективен договор за јавниот сектор со кој ќе се обезбеди постојан раст на платите
Скопје, 20 септември 2022 (МИА) - Новиот Општ колективен договор во јавниот сектор на кој се работи, ќе обезбеди поголеми права за работниците, а новата методологија ќе обезбеди постојан раст на платите на вработените, нагласи вечерва министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска, истакнувајќи дека тоа ќе биде системско решение кое нема да зависи од ничија политичка волја. Таа, во емисијата „Топ тема“ на телевизија Телма, информираше и дека новиот општ колективен договор за јавниот сектор ќе биде потпишан до крајот на годината. Министерката посочи дека новиот Закон за работни односи е системски закон и устав за работничките права. Тој, како што истакна Тренчевска, ќе обезбеди поголема сигурност во остварувањето на работничките права. - Новиот Закон е во завршна фаза и очекуваме во месец ноември да излеземе на јавни дебати со вклученост на сите страни. Го работиме низ социјален дијалог со синдикатите и работодавачите, кој треба да биде усогласен со европските права и со конвенциите ратификувани со МОТ. Новина се договорите на определено време, на кои важноста сега им е пет години. Предлогот на синдикатите е намалување на една година, а на работодавачите три години. Верувам дека ќе се најде компромис, нагласи Тренчевска. Министерката потенцираше дека социјалниот дијалог со синдикатите е жив и оти тој продолжува. Таа додаде дека во рамки на тој дијалог се носат најдобрите решенија за работниците. - Едно од првите решенија беа измените на законот за минимална плата. Во 2017 година минималната плата беше 9000 денари, денес е 18.000 денари. Тоа е двојно зголемен плати и двојно повисоки приходи за работниците, посочи Тренчевска. см/сп/

Остани поврзан