Перински: Треба силен рестарт Град Скопје да се врати во нормално функционирање
- Министерот за локална самоуправа Златко Перински вечерва повтори дека во моментов не постои законска можност да бидат одземени законски утврдените ингеренции коишто ги има Градот Скопје.
Скопје, 24 декември 2024 (МИА) - Министерот за локална самоуправа Златко Перински вечерва повтори дека во моментов не постои законска можност да бидат одземени законски утврдените ингеренции коишто ги има Градот Скопје.
-Она коешто ние како процес го отпочнуваме, тоа се измените во Законот за локална самоуправа во делот на отповик на градоначалник за да превенираме вакви однесувања. Значи ние како централна власт навистина во овој момент немавме механизам како, согласно закон ги одземеме ингеренциите во делот на патниот сообраќај во рамки на градот Скопје, во делот на комуналната хигиена итн. иако од одредени личности беа комуницирани и можностите дека се изводливи. Еве јас одговорно тврдам дека не постои законска можност да бидат одземени ингеренции, оние законски утврдени ингеренции коишто ги има Градот Скопје, рече Перински во гостувањето на Тема на денот во дневникот на Сител ТВ, прашан за оваа можност по хаосот што се случи со јавниот градски превоз и незадоволството на жителите на метрополата од одржувањето на комуналната хигиена.
Тој додаде дека ваква можност била искажана од ЗЕЛС, но потоа се потврдило дека нема можност да се одземаат ингеренции од Градот Скопје, затоа работат на измените во Законот за локална самоуправа.
- Што правиме ние? Правиме измени во Законот за локална самоуправа. И исто така заедно со министерот за транспорт Николовски, предвидовме дополнителни активности коишто, доколку повторно се јави некаков проблем од страна на ЈСП, да менуваме закони кои што се под ингеренции на Министерството за транспорт, па дури тогаш да пробаме да одземаме ингеренции. Во постојните законски можности, одговорно тврдам, по вторпат, нема можност да се одземат ингеренции од страна на Градот Скопје.
За состојбата со другите јавни претпријатија во градот, како поранешен прв човек на ЈП „Водовод и канализација“ и од информации со кои расплага, тој вели дека, состојбата е очајна поради нивната презадолженост.
- Значи од она неофицијално што го имам како податок бидејќи не можете да добиете официјален податок ниту од ЈКП, ниту од Градот Скопје е дека само „Водовод и канализација“ должи преку 15 милони евра, „Комунална хигиена“ помеѓу 6 и 7 милиони евра, „Паркови и зеленило“ некаде околу 3 милиони евра, „Улици и патишта“ некаде околу 4 милион евра. ЈСП незнам мислам дека и вработените не знаат колку должат, зашто огромна е таму дупката. За да се сервисира долгот на јавните претпријатија, можеби на градот Скопје ќе му требаат грубо 50-тина милиони евра карикирам со бројките. Но не ја заборавате обврската и на самиот Град Скопје, што значи дека навистина ќе треба еден силен рестарт да се случи за град Скопје да се врати во нормално функционирање, вели министерот за локална замоуправа.
Перински потврди дека е заинтересиран да биде идниот градоначалник на град Скопје, иако вели во моментов главниот фокус му е на работата во Министерството..
-Точно е дека изразив амбиција за градоначалнничкото столче, затоа што верувајте ми ги знам навистина проблемите со коишто се соочува градот и јавните комунални претпријатија. И на дневна основа комунциирам со сите оние луѓе коишто се засегнати. После октомври кој и да биде од нас новиот градоначалник на град Скопје, многу работи ќе излезат на површина или на виделина, како да кажам, од оние коишто сега не можеме да ги гледаме, коишто за жал вработените во рамки на градот, и на комуналните претпријатија ги шушкаат во рамки на ходниците и просториите на градот Скопје, затоа што едноставно се плашат во моментот да кажат, рече Перински.
Според него, на градот Скопје му треба системски пристап, којшто ќе го реши во целост јавниот сообраќаен превоз којшто е многу врзан со проблемот со загадувањето, којшто зависи и од локалната, но и централната власт.
- Тука и ние како Влада, двете нивоа на власт мора паралелно да работиме на решавање на овие проблеми. Имам многу идеи во глава. Имам апсолутно направено и целосен модел за рекомпонирање на ЈКП, за зголемување на функционалноста во испораката на услугите кон граѓаните, но и за поголема ефикасност и ефективност во рамки на работните процеси. Како ќе одлучи мојата партија, јас ќе ја почитувам таа одлука. И кој и да биде потенцијалниот кандидат препорачан од страна на мојата партија, јас сум сигурен дека ќе биде и новиот градоначалник на градот Скопје, вели Перински.
Тој смета дека изразениот интерес од повеќе колеги од неговата партија за учество во трката за градоначалник на Скопје е здрав процес и ќе продуцира поквалитетно решение, но кој и да биде избран од потенцијалните кандидати, во никој случај, вели, нема да дозволи тој да биде причина за внатрепартиски конфликт.
Во коментар за денеска изгласаниот Буџет на Град Скопје за 2025 година, Перински смета дека е изготвен во нетранспарентна постапка иако, проектот кој што Министерството за локална самоуправа, преку Швајцарската амбасада заедно го имплементираат овозможува форуми на заедниците кои би требало да дадат двонасочност на процесот во креирањето на политки и на буџети помеѓу градоначалникот и граѓаните.
-Тоа не е случено, и тоа се едни примери кои практично станаа пракса во Градот Скопје и воопшто не сум изненаден. Се надевам дека ќе има некаква доблесност од раководството во град Скопје барем во месеците до локалните избори, ќе најдат некаква минимална грижа на совест барем, во рамки на своите надлежности кои се строго утврдени во Законот за локална самоуправа, па и во Законот за Град Скопје, ги имплемантираат на начин да се види дека нешто се работи во градот. Прво треба да почнат да комуницираат со своите секторски директори, потоа со советниците во Градот Скопје, а ние како Влада стоиме на располагање доколку треба некаква помош и поддршка, порача Перински. вг/лв/
Фото: МИА Архива