• среда, 25 декември 2024

Тренчевска: Преку партнерство меѓу бизнис-заедницата, институциите и граѓаните до решенија кои создаваат можности за младите луѓе

Тренчевска: Преку партнерство меѓу бизнис-заедницата, институциите и граѓаните до решенија кои создаваат можности за младите луѓе

Скопје, 2 септември 2022 (МИА) - Министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска денеска присуствуваше на 100-годишниот јубилеј на Скопска Пивара, на која се обрати во делот на младите и можностите што ги нуди  Скопска Пивара како долгогодишен партнер на Министерството за труд и социјална политика.

Тренчевска, како што соопшти МТСП, им го честита јубилеот на Скопска Пивара и посочи дека да се опстојува 100 години и да се изгради препознатлив бренд кој станува дел од традицијата и културата на живеење на генерации наназад, значи да се биде успешен. Таа истакна дека зад успехот стои тимска работа, вреднување на трудот, почитување и негување на односите меѓу вработените, соработниците и потрошувачите.

-Со својата посветеност кон професионалниот развој на своите вработени, а особено со вложувањата и истрајноста во поддршката што ја давате во развојот на младите. Вие сте вистински пример и модел што треба да го следат и останатите домашни компании. И во годините и децениите што следуваат  може да сметате на партнерството со министерството за труд и социјална политика при реализацијата на сите Ваши проекти кои се насочени кон зајакнување на младите и зголемување на нивните шанси за подобри работни места и развој на нивните претприемачки вештини, рече Тренчевска.

Министерката посочи дека особено се покажа успех на Практикантската програма на Пивара, како и програмата Вештини за успех со што директно се овозможува услови за младите да стекнат вештини, знаења и искуство во реалниот сектор.

Таа ги поздрави заложбите на Скопска Пивара и посочи дека преку заедничкиот труд на институциите, компаниите, академската заедница, училиштата може да се создаде простор во кој младите ќе се развиваат, но и простор каде сите ќе учиме едни од други и на тој начин ќе се создаваат ефикасни и долгорочни решенија. сст/аа/

Остани поврзан