• понеделник, 23 декември 2024

Тренчевска: Градиме општество со еднакви шанси и можности за сите граѓани

Тренчевска: Градиме општество со еднакви шанси и можности за сите граѓани
Струмица, 2 април 2022 (МИА) - Концептот едно општество за сите е концепт зад кој цврсто стојат Владата и Министерството за труд и социјална политика и насочени сме кон еднаквост, недискриминација и овозможување на еднакви шанси за сите граѓани и еднакви можности до ресурси за сите во општеството, изјави министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска во интервју за струмичката ТВ ВИС. Министерката се посочи дека сите политики се креирани во насока на создавање на  солидарно и праведно општество. - Се работи на менување на перцепцијата на граѓаните кон различностите и прифаќање на лицата со попреченост и маргинилизираните групи кои треба да бидат интегрирани во општеството и во таа насока политиките треба да водат кон нивна инклузија во општеството, порача Тренчевска. Таа истакна дека развојот на современите политики за лицата со попреченост се видливи и преку воведувањето на Меѓународната класификација на функционирањето при проценката на децата со попреченост. - Примената на Меѓународната класификација на функционирање, попреченост и здравје (МКФ) во нашата земја е отпочната, направивме обемни измени на правната рамка во законите и подзаконски акти, а самиот процес вклучува и воспоставување на стручни тела – служби за функционална проценка и јакнење на нивните капацитети. Со новиот начин на проценка се напушта стариот медицински модел на гледање на попреченоста, односно се заменува со немедицинско гледање кое ги проценува јаките страни и способности на децата и младите, како и потребната поддршка што детето треба да ја добие за да ужива еднакви можности како своите врсници и да може да го развие својот потенцијал, рече Тренчевска. Министерката потсети на започнатиот процес на деинституционализација, односно преселбата на лицата со попреченост од институциите во групни домови преку нова форма на грижа- поддршка за живеење во заедницата. Таа информираше дека денес нема ниту едно лице под 18 години сместено во институција, а постепено се намалува бројот на возрасните лица, посочувајќи дека досега се отворени повеќе од 15 мали групни домови, каде што овие лица добиваат 24-часовна поддршка од стручни лица и живеат во атмосфера  налик семејната. - Воведување на правото за социјална сигурност, со кое на лицата кои не ги исполнуваат условите за пензија, им е обезбеден  сигурен месечен надомест, проширување на правото за попреченост и за лицата со  интелектуална попреченост, зголемување на  додатокот за надоместок за плата за скратено работно време до 50 отсто од просечната плата, за родител кој чува дете со попреченост без разлика на возраста на децата, воведување на  додаток – траен надоместок за родител, кој се грижел за детето со попреченост до неговата 26 годишна возраст, се дел од политиките кои оваа Влада ги воведе, а значат вистинска грижа за лицата со попреченост, рече Тренчевска. Во однос на финансиската поддршка на ранливите категории, министерката се осврна на социјалната реформа со која се воведе Гарантирана минимална помош (ГМП) која е за 300 проценти повисока од претходната социјална помош. - Во моментот има 36.000 домаќинства корисници на ГМП, 47.000 деца приматели на детски додаток и околу 30.000 ученици и студенти приматели на образовен додаток. Корисниците на ГМП и социјална пензија, добиваат по 1000 денари надоместок за енергенси. Трајниот надоместок за родител кој се грижел за своето дете до 26 години, изнесува 8.000 денари, правото за попреченост кај слепи лица изнесува 7.584 денари, кај лица со оштетен слух 4300 денари, посебен додаток кај деца со попреченост 5.360 ден, ако е едно дете, ако семејството е корисник на ГМП 6.706 денари и дете на самохран родител 8.047 денари, рече Тренчевска, додавајќи дека притоа сите износи на правата се усогласуваат со трошоците на живот еднаш во годината во месец јануари. Таа зборуваше и за антикризните мерки кои Владата во време на пандемија дел ги насочи кон ранливите категории, но и сегашните 26 антикризни мерки во време на ценовни шокови како резултат на воената агресија на Русија кон Украина. - Исто така, пензионерите добија раст на пензиите, согласно новата методологија, а минималната плата се покачи на 18.000 денари. Сите овие мерки се потврда за грижата на Владата кон лицата кои спаѓаат во ранливите категории и лицата со пониски месечни приходи, рече Тренчевска. Во врска со Заводот за рехабилитација Бања Банско и до каде е процесот на деинституционализацијата, министерката информираше дека до сега од заводот се преселени 12 корисници, кои успешно се реинтегрирани во локалните заедници каде што моментално живеат. Според неа, процесот ќе продолжи, а планот е Заводот во еден дел да се трансформира во модерен центар за рехабилитација и реинтеграција преку негова реконструкција, адаптација и набавка на нова опрема за таа намена, а во еден дел може да се размислува и за отворање на општински дом за стари лица за регионот на Струмица. сп/

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан