• понеделник, 23 декември 2024

Трајанов за МИА: Државата моментално не е загрозена од екстремизам и тероризам

Трајанов за МИА: Државата моментално не е загрозена од екстремизам и тероризам

Скопје, 7 декември 2024 (МИА) - Во земјава се следи состојбата во однос на радикализацијата и поттикнувањето на екстремизам, по разни основи. Присутни се обиди за поттикнување на верскиот радикализам но, тие не се толку загрижувачки. Клучен е етничкиот национализам што на еден или друг начин го поттикнуваат партиите, кој што за жал, се потврди со неодамнешните инциденти со знамињата. Генерално Македонија моментално не е загрозена од екстремизам и тероризам, вели во разговор за МИА Павле Трајанов, национален координатор за справување со насилен екстремизам и борба против тероризмот.

Како прв човек во Националниот комитетот чија цел е следење и анализирање на состојбата со превенцијата на насилниот екстремизам и борба против тероризам во државата, негова задача е да ги координира, учествува и насочува активностите на вкупно 22 државни институции кои се вклучени во имплементацијата на Националните стратегии за спречување на насилен екстремизам и борба против тероризам и акциските планови.

Во Националниот комитет партиципираат 22 институции меѓу кои се и МВР, АНБ, АР, министерствата за правда, за образование, за труд, Управата за извршување санкции. Комитетот е во фаза на основање на новиот персонален состав, бидејќи сите институции номинирале нови претставници.

-На првата борбена линија за справување со насилен екстремизам и борба против тероризмот, главни се МВР, АНБ, Агенцијата за разузнавање, военото разузнавање кои што собираат сензитивни информации и ги обработуваат и кои соработуваат со сите балкански држави, но исто така соработуваат и со моќните странски служби, кои располагаат со повеќе информации на размена на информации и се доаѓа до информации кои се битни. Тоа се пошироки секојдневни активности, кои што не се врзани само со повратниците. Тука се директно вклучени Советот на Европа, кој има посебен проект за пенален третман на повратниците, ОБСЕ е вклучен со посебни програми за обука на институциите, за опремување. Тука е вклучена и ЕУ со која имаме заеднички план за активности, всушност сите балкански држави имаат потпишано договор за активности и во моментов се прави нов план за следните четири години. Тука е и ИОМ – Меѓународната организација за миграции, која е вклучена во сите овие активности, појаснува Трајанов.  

Тој потенцира дека е битно што освен државните институции во превентивните активности вклучени се и невладините организации. Постојат големи меѓународни фондации, кои соработуваат со невладиниот сектор, кој имаат мек третман кон сите овие прашања, бидејќи сите други институции се, пред се, репресивни, иако имаат превентивни активности.

Невладините организации, како што појаснува, се вклучени во превентивните активности како што е спречување на можна радикализација и екстремизам, спроведуваат обуки во училишта, во општините, имаат широки активности, а дел од нив се вклучени и во реинтеграцијата на повратниците. Работат по Програма и во координација со Националниот координатор, имаат потпишано Меморандум за разбирање, имаат пристап до некои сензитивни информации и тие се доста вклучени. Вкупно се вклучени околу 20-тина организации, но 10 се поактивно ангажирани, кои работат на превенција, спроведуваат обуки, како да се препознае говор на омраза, како се одвива радикализацијата, ги обучуваат младите да ги препознаваат лажните вести, поттикнувањето на верскиот радикализам итн.

- Кај нас сите тие се присутни, но, не се толку загрижувачки. Но клучен е етничкиот национализам кој што на еден или друг начин го поттикнуваат партиите, кој што за жал, се потврди со неодамнешните инциденти со знамињата. Тој е најопасен моментално во Македонија, каде одредени партии постојано говорат дека некоја етничка заедница е загрозена заради јазикот или др. И тоа ако секојдневно се зборува поттикнува радикализација и тоа може да биде основа за екстремизам, за насилен екстремизам или за тероризам. И затоа одговорноста е голема на сите структури во државата, а посебно на оние што се задолжени да ги препознаваат сите овие активности, да се превенираат. Ние во целост сме функционална држава и сите тие активности може да се амортизираат, вели националниот координатор.

Тој посочува дека станува збор за голем број активности при тоа се следи влијанието на борбите на палестинските територии, на војната во Украина, руската пропаганда како се одвива, како се пласираат информации и дезинформации, од кои значаен дел се пласираат преку социјалните мрежи. 

-Порано беше поизразен верскиот радикализам, меѓутоа сега е многу мало влијанието на верските заедници. ИВЗ, МПЦ и другите верски заедници се вклучени во многу акциски и локални тимови во превенцијата од насилен екстремизам. Во Националниот комитет вклучен е претставник од Комисијата за односи со верските заедници. Исто така, одржуваме средби со верските заедници на овој план, околу радикализмот. Така што официјално сите се вклучени на планот на превенцијата, нагласува Трајанов.

Тој додава дека има обиди од лица кои студирале надвор од државата кои се обидуваат да имаат влијание, додека влијaнието на вахабистите е врзано со активностите во Босна за време на конфликтот, кое потоа се пренесе во Македонија, но, вели, сега слабее влијанието и спласнал интересот.

-Во основа верските заедници официјално се вклучени во Планот за превенција. Генерално Македонија моментално не е загрозена од екстремизам и тероризам. Има некои степенувања, и на многу ниско ниво е загрозеноста од тероризам, вели Трајанов.

Рехабилитација и реинтеграција на повратниците од странските боишта

Во однос на заканата по безбедноста на државата од повратниците од странските боишта, тој подвлекува дека сите што се вратени од странските боишта, без оглед дали самостојно или организирано, сите биле под третман на државата. Постои разработена стратегија за превенција од насилен екстремизам и стратегија за борба против тероризмот и посебни Стандардни оперативни процедури. Во нив, вели, се дефинирани сите субјекти што се вклучени по фази, комуникацијата меѓу службите, размената на информации, со цел да се спречи нивна повторна радикализација.

-Во моментов има малкумина, уште 11 лица кои се уште се на издржување на казната. За сите има третман - прифат, водена постапка ако има докази, издржување на казната и потоа реинтеграција во општеството. За сите овие фази има експертски тимови од психолози, педагози, од сите служби, посебно од центрите за социјална работа кои разговараат со лицето од кога ќе пристигне во земјата, и врз основа на тој разговор се утврдува третманот додека е во затвор. И тука има посебен третман, а на 6 до 9 месеци пред да излезе од затвор, со него разговара експертски мултидисциплинарен тим кој во разговор со лицето, но и со неговото семејство утврдува дали се ресоцијализирало. Во основа тој систем е добро поставен, функционира и за сите нуди соодветен третман, смета Трајанов. 

Два телефони се одземени. Можно е партиските обележја да се внесени преку пакети со храна или пак ги има од претходно, истакна директорот на затворот „Идризово“ Боби Мојсоски во „Утрински бри

Еден од проблемите, посочува Трајанов е нивното сместување во затворите. Имено во стратегиите за нив се бара посебен третман и одвоено сместување, но нема услови за тоа. 

-И тоа не е случај само во Македонија, туку и во другите држави. Тие во затворите се сместени со другите затвореници и дилемата тука е какво е нивното влијание, дали тие можат да шират екстремна идеологија и да регрутираат нови потенцијални екстремисти, радикали кои би се вклучиле во странски паравоени формации или тука да имаат некакви активности, наведува националниот координатор.

Во земјава досега се организирани две репатријации, односно организирано враќање на наши државјани кои биле на странските боишта. На прашањето дали се уште има македонски државјани на боиштата на Исламска држава, и дали се подготвува нивна евентуална репатријација, Трајанов наведува дека според последните податоци со кои располага ЕУ, од мај 2024 година, добиени од оперативните служби, само петмина македонски државјани, се наоѓаат во некои странски паравоени формации, но не се на боиштата во Сирија и Ирак. Во меѓувреме, еден од нив загинал, но никој од останатите нема побарано репатријација.

На почетокот, Пентагон го бранеше нападот, тврдејќи дека убил оперативец на ИСИС-К, кој планирал непосреден напад на американските сили за време на последните денови од евакуацијата и повлеку

Инаку се проценува дека околу 1000 лица од шесте држави од регионот на Западен Балкан заминале да се борат во Исламска држава како странски терористички борци.

Од Северна Македонија заминале 155 лица, а 102 се вратиле. Убиени се 39, а таму се смета дека се останатите четворица мажи.

Од Албанија заминале 174 лица за Сирија и Ирак. Од нив 82 лица се вратиле, 46 се убиени, а 46 се уште се останати таму, од нив шест жени и 21 дете.

Вкупно 323 лица, главно од салафистичката заедница, во БиХ, заминале да се борат за Исламска држава, од нив 98 се убиени, а  84 се вратиле во земјата. Во камповите се уште таму се наоѓаат 160 лица од кои 41 жени и 77 деца.

Од Косово заминале 352 лица, а се вратиле 257,  загинале 106 косовски државјани. Останати се таму 81 лице, меѓу нив осум жени и 40 деца.

Во Сирија и Ирак од Црна Гора заминати се 26 лица, од нив 10 се вратиле, а шест се убиени. Таму се уште се останати 14 лица од кои четири жени и седум деца.

На боиштата во редовите на Исламска држава од Србија, пак, заминале 49 српски државјани, а во Србија се вратиле 10-мина. Убиени се 12 лица, а таму се останати 32 лица, од нив осум се жени и 21 дете.

Се смета дека во камповите во Сирија и особено во Ирак, има илјадници членови на Исламска држава, кои се странски државјани, а кои нивните матични држави не сакаат да ги примат назад бидејќи ги сметаат за безбедносен проблем. Главно жените и децата беа прифаќани за репатријација.

Пример Англија воопшто не сака да прифати повратници. Германија, Србија и Албанија не ги примаат назад мажите повратници, или ги развлекуваат процедурите за враќање.

Сепак, притисок на меѓународната заедница е голем за враќање на заробените странски терористички борци кои се наоѓаат во кампови во Сирија и Ирак бидејќи многу ресурси се вклучени, околу превенцијата и спречување регрутација на нови потенцијални екстремисти, а посебно за постпеналниот третман на повратниците да бидат ресоцијализирани и вклучени во општеството.

-Но никој нема гаранција дека откако поминале низ сите процеси дека тие ќе бидат тука присутни во Македонија, ќе се ресоцијализираат. Некои се обиделе повторно да заминат, но бидејќи имаат забрана за излез (од државата)  ги враќаат тука. Во моментов колку што имам информации околу 11 лица од повратниците се сега на издржување на казната. Има распоред за тоа кој кога излегува заради проценката за неговата ресоцијализација, и што треба понатаму да се прави. Состојбата се следи во однос на главниот проблем, а тоа е радикализацијата и поттикнувањето на екстремизам, на насилство, по разни основи. Тоа се одвива главно преку социјалните мрежи или како што се нарекува онлајн тероризам, има влијанија од странство, но и од внатре во земјава, вели Трајанов.

Следење на парите за финансирање тероризам

Во делот на финасирањето на тероризмот, националниот координатор Трајанов посочува дека Агенцијата за финансиско разузнавање ги следи тие трансакциии, во што се вклучени и службите, АР, АНБ, МВР. Но тоа е, вели, многу сложена операција за да се дојде до докази, за тоа како се одвива, која е намената, особено сега со дигиталните пари -  биткоините. Сепак, наведува дека има посебна програма околу следење на финансирање на тероризам во која се вклучени сите овие институции.

-Во сите анализи и податоците што ние сега ги анализираме, земјите од ЗБ, скоро сите кажаа дека е тоа сложен процес, и многу тешко се открива. Значи има некакви почетни информации за обид за финансирање и сл., но ние немаме, па и другите држави немаат конкретно изречена кривична одговорност за некој што финансира регрутација на терористи. Кај нас тоа е регулирано и сега се прават измени на Кривичниот законик, каде делот со финансирањето на тероризам ќе се опфати попрецизно. Значи имаме систем, тој треба функционира, вели Трајанов.

Две американски технолошки компании, Блок и Блокстрим, подготвуваат центар за ископување биткоини кој целосно ќе се напојува од сончевите зраци. Проектот започнува во јуни, а целта на неговит

Тој при тоа нагласува дека во овој дел имаме поддршка од странските партнери кои нудат обуки, тренинзи, компјутерски системи за следење на трансакциите..., оти без соработка со нив државата не може самостојно да ги следи тие финансиски текови.

-Службите се усовршуваат за да можат да го следат тој процес кој е многу сложен, а колку постапувања се во тек во моментов немам такви податоци, вели Трајанов.

Во коментар за тоа што државава се најде во фокусот на црната кампања во меѓународната јавност со објавите за обидот за терористички напад на концертите на Тејлор Свифт во Виена, во кој беа уапсени двајца осомничени, од кои еден со потекло од Македонија, Трајанов вели дека земјава прави многу на спречување и борба против тероризмот, но проблемот е што немаме изградено систем за презентација на резултатите.

-Проблемот со Македонија е што има најмногу активности на планот на превенцијата, на борба против тероризмот, меѓутоа тие не се презентирани. Други држави имаат многу помали активности.  Ние сме биле водечки во носењето на стратегии, правила за постапување итн., но не сме изградиле систем како да се презентираат резултатите, за да бидат соодветно вреднувани. Бидејќи сите овие активности градат оценка за Македонија дали е подготвена на овој план да превенира тероризам. Тука тоа е главен проблем, така што се обидуваме сега преку медиумите и во настапите на сите меѓународни конференции што се одржуваат да ги презентираме активностите на Македонија, вели Трајанов.

Во конкретниот случај она што е важно, вели, е дека тие лица не се родени тука во земјава и не се школувале тука, ниту тука се индоктринирани, односно радикализирале, а потеклото на некој може да биде од каде било. Службите можеби испратиле одговор на Виена, но како што бомбастично беше објавено од службите во Австрија, надлежните институции овде како МВР или МНР требаше, вели Трајанов, јавно да одговорат на аргументиран начин дека државата на никаков начин не е поврзана со тие случаи.

-Како Национален комитет и јас како национален координатор секаде каде што можеме се обидуваме да информираме, да ги презентираме реалите состојби, што се се презема, бидејќи многу институции и многу ресурси се вклучени, за да може да не вреднува странскиот фактор, ЕУ, ОБСЕ, амбасадите кои се присутни и се вклучени во овие активности, вели Трајанов.

Она на што ќе се фокусираат во следниот период, најавува Трајанов е да ги поттикнат сите во Националниот комитет и институциите што се вклучени во овие процеси да ги собираат информациите за сите свои активности и да ги презентираат пред партнерите - СЕ, до ЕУ, до ОБСЕ и другите заинтересирани.

-Второ на што работиме е сите овие активности за да имаат поголем ефект тие треба да имаат поголем публицитет. Не е доволно вие да одржите обука за 30-тина ученици, туку таа обука треба да ја афирмирате да стигне до сите ученици преку социјалните мрежи, да видат што е тоа екстремизам, како тој се шири, што е радикализам, верски радикализам, бидејќи рековме тој е присутен во минимални граници и трета работа активностите на Националниот комитет да добијат поголем публицитет, вели тој.

Проблемот со статусот на децата на повратници

Децата на странските терористички борци кои се родени на териториите контролирани од ИСИС се соочуваат со низа сложени и сериозни предизвици, а еден од главните проблеми е прашањето на државјанството, бидејќи немаат изводи од матичната книга на родените или друга законска документација. Тоа ги отежнува напорите за докажување на нивниот идентитет и националност, што им го компликува враќањето во матичните земји или заштитата според меѓународното право.

Македонското здружение на млади правници – МЗМП, со поддршка на Високиот комесаријат за бегалци на Обединетите нации (УНХЦР) работи на бездржавјанството од 2010 година. МЗМП пружа бесплатна правна помош на лицата за запишување во матичната книга на родените и учествува во подготовка на  сите закони кои се донесуваат на утврдување на правен идентитет на лицата, а кои се во насока на решавање на проблемот со бездржавјанство.

Премиерот Зоран Заев очекува на почетокот на следната недела да се најде решение за измените и дополнувањата на Законот за државјанство, предложени од Алијанса на Албанците и Алтернатива. Тој

За децата кои се родени вон територијата на државата,  а се деца на македонски државјани, наведуваат, се запишуваат врз основа на извод од матичната евиденција на соодветниот орган во странство. Изводот го поднесува странката, ако со меѓународен договор не е предвидено поинаку. По исклучок, кога странката не можела да прибави извод, запишувањето на податокот во матичната книга се врши со решение донесено врз основа на доказите што ги приложува странката.

По барање на Управата за водење на матичните книги, барателот/странката  доставува и докази и податоци (потврди, уверенија и сл.) од евиденција на странски држави кои се однесуваат на граѓанскиот статус на лицето потребни во текот на постапката,  медицински потврди, ДНК отисоци,  како и други докази и податоци кои не постојат во службената евиденција на јавните органи во РСМ. ДНК отисоците ќе се бараат исклучиво доколку надлежниот орган не може да ја утврди роднинската врска меѓу детето и родителите.

-Во пракса, доколку дете на кое еден или двајцата родители му се македонски државјани, или едниот родител е непознат,  а детето е родено надвор од територијата на РСМ и нема никаков документ или доказ за неговото раѓање, нема случај тоа дете да биде запишано во матичната книга на родените. Ова се однесува на сите вакви случаи без разлика дали се деца на повратници или други лица, наведуваат од Здружението.

Виолета Геров

Фото: МИА/МИА Архива

 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан