Трамп: Шансите за трговски договор меѓу ЕУ и САД се 50-50
- Со нетрпение очекуваме да разговараме за да видиме дали можеме да направиме нешто, истакна Трамп.
Брисел, 27 јули 2025 (МИА) - Би сакал да склучиме договор, што ќе биде добар и за САД и за ЕУ, но шансите за тоа се 50-50, изјави доцна попладнево американскиот претседател Доналд Трамп пред почетокот на средбата со претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен во шкотското место Трнбери.
- Со нетрпение очекуваме да разговараме за да видиме дали можеме да направиме нешто, истакна Трамп.
Тој додаде дека САД и ЕУ со години имаат многу добри односи, но кога станува збор за трговијата таа била „многу нефер кон САД“.
- Мислам дека двете страни сакаат да видат фер односи, па затоа сме тука и се надеваме дека ќе решиме неколку проблеми, додаде Трамп.
Тој потсети дека САД веќе постигнаа договор за царините со Јапонија и дека се близу до договор и со Кина, додавајќи дека луѓето морат да плаќаат царини, но дека Вашингтон не сака да му наштети никому. Трамп нагласи дека со нетрпение го очекувам состанокот со Фон дер Лајен и дека би сакал да види резултат од него.
- Царините ќе го направат она што мора да го направат, но имаме добри шанси да постигнеме добар резултат. Тоа не е навистина толку комплицирано, додаде Трамп.
Фон дер Лајен, од своја страна, нагласи дека европската и американската се двете најголеми економии во светот, со обем на меѓусебна трговска размена од 1.700 милијарди долари и дека САД и ЕУ заедно претставуваат огромен пазар со 800 милиони луѓе.
- Затоа, со нетрпение ја очекувам дискусијата што ќе ја имаме сега. Нашите тимови направија значајни постигнувања, но сега одговорноста е на нас, му порача Фон дер Лајен на Трамп, додавајќи дека тој е познат како цврст преговарач во постигнувањето договори и дека ако постигнат договор тоа би бил најдобриот договор што секој од нив некогаш го склучил.
Во одговор на новинарско прашање дали е можно одлагање на воведувањето на најавените царини од американска страна на 1 август, Трамп истакна дека нивната примена ќе започне од овој датум, додавајќи дека оние компании кон не сакаат да плаќаат царини можат да изградат фабрики во САД и таму да произведуваат.
Трамп истакна дека САД се и отсекогаш биле отворени за европските производи, што не е секогаш случај и за американските производи во Европа, потенцирајќи дека американските производители не продаваат автомобили во Европа, ниту продажбата на суштински земјоделски производи не е на некое големо ниво.
- Не ни е дозволено ако сакаме да продаваме автомобили во Европа. Како што знаете, тие (Европејците) продаваат милиони и милиони автомобили – „Мерцедес“, Бе-Ем-Ве, „Фолксваген“, и толку многу различни автомобили, рече Трамп, додавајќи дека се надева и сака да се постигне договор со кој сите ќе бидат среќни.
ЕУ се надева на договор со Вашингтон за царинска стапка од 15 отсто, што во основа би било на ниво на ефективната царина што и сега се плаќа за извоз на европски стоки во САД. Имено, уште пред стапувањето на должноста на Трамп, за европскиот извоз на пазарот во САД се наплаќаше царинска стапка од 4,8 отсто и со дополнителните 10 проценти воведени од актуелната Американска администрација вкупната царина изнесува 14,8 отсто. сп/ссм/
Фото: ЕНР/ДПА