• петок, 02 јануари 2026

Трагедија во Кран-Монтана: Најмалку 40 загинати и 115 повредени, Европа се мобилизира за помош на настраданите

Трагедија во Кран-Монтана: Најмалку 40 загинати и 115  повредени, Европа се мобилизира за помош на настраданите

Кран-Монтана, 2 јануари 2026 (МИА) - Швајцарските власти и европските спасувачки служби работат под висок притисок по катастрофалниот пожар што избувна за време на новогодишната прослава во барот „Констелејшн“ (Le Constellation) во алпскиот центар Кран-Монтана. Според последните официјални податоци, билансот е трагичен: околу 40 загинати и 115 повредени, од кои голем број се во критична состојба.

Конфузија околу бројот на жртвите и тешката состојба на повредените

Швајцарскиот функционер Стефан Ганзер, во изјава за францускиот медиум РТЛ, ги демантираше првичните неофицијални информации кои цитираа италијански извори за 47 загинати, нагласувајќи дека потврдената бројка во моментов е околу 40 лица. Сепак, тој предупреди дека ситуацијата постојано се менува.

Ганзер посочи дека меѓу 80 и 100 луѓе се сериозно повредени и имаат итна потреба од медицинска грижа. Посебен ризик постои за пациентите со изгореници од трет степен кои зафаќаат над 15 отсто од телото, поради високата опасност од септикемија и смрт во претстојните часови и денови.

„Филм на ужасот“: Жртвите се претежно тинејџери

Еден од најпотресните аспекти на оваа трагедија е возраста на жртвите. Лекарите потврдуваат дека пациентите се „многу млади“, на возраст меѓу 15 и 25 години. Бидејќи во Швајцарија законската граница за консумирање алкохол е 16 години, барот бил преполн со млади туристи и локални жители.

Сведоштвата на преживеаните се застрашувачки. Илан Ашур (26), кој помагал во спасувањето, ја опишува сцената како „филм на ужасот“. „Сите беа изгорени, сите врескаа. Ја изгубив мојата најдобра пријателка, ми почина во рацете додека се обидувавме да ја оживееме“, изјави тој за Ројтерс.

Повеќе од еден ден по пожарот, очајни родители сè уште трагаат по своите деца. Меѓу исчезнатите е и еден македонски државјанин. Исто така, за исчезнати се сметаат и шест тинејџери од Италија, вклучувајќи го и Џовани Тамбури од Џенова, чија мајка преку социјалните мрежи упати јавен апел за помош откако не успеала да го најде во ниту една болница.

Истрагата и доказите: Фотографии го потврдуваат моментот на палење

Истрагата е во тек, а полицискиот кордон околу барот денеска беше делумно олабавен, откривајќи ги белите форензички шатори на влезовите.

Иако властите одбиваат да шпекулираат за причините, сервисот за проверка на факти на „Би-Би-Си“ (BBC Verify) потврди автентичност на две фотографии од кобната ноќ. На нив се гледаат шишиња со шампањ со запалени пиротехнички свеќи (прскалки) и пламен кој веќе го зафаќа таванот.

Истрагата треба да утврди дали биле почитувани безбедносните стандарди, особено во однос на противпожарните излези и тесното скалило кое сведоците го посочуваат како пречка при евакуацијата.

Меѓународна солидарност и транспорт на повредените

Европската агенција за цивилна заштита активираше механизам за трансфер на преживеаните во болници низ Европа за да се растовари швајцарскиот здравствен систем. Планирано е денеска да бидат префрлени 24 лица, вклучувајќи и петмина Италијанци кои ќе бидат пренесени во специјализирани центри за изгореници во нивната татковина.

Полскиот премиер Доналд Туск изрази сочувство и понуди специјализирана медицинска нега за 14 повредени во полските болници. „Швајцарија и кантонот Вале можат да сметаат на полската солидарност“, порача Туск. Швајцарскиот претседател Ги Пармелин изјави дека овој пожар е „една од најтешките трагедии што ги доживеала земјата“.

Додека форензичарите работат под силните рефлектори во внатрешноста на барот, во негова близина се палат стотици свеќи и се остава цвеќе во тишина која претставува бизарен парадокс на секојдневието во одморалиштето, каде скијачите и понатаму поминуваат покрај местото на несреќата, а туристичката сезона продолжува. ссм/ми/

фото: ЕПА/принтскрин

Остани поврзан