• среда, 27 ноември 2024

Тен Хаг најавува подобри денови за Јунајтед

Тен Хаг најавува подобри денови за Јунајтед

Манчестер, 4 октомври 2024 (МИА) - Манчестер Јунајтед ќе се подобри како тим со враќањето на повредените леви бекови Лук Шо и Тајрел Маласија, изјави менаџерот на „црвените ѓаволи“ Ерик тен Хаг на прес-конференција во пресрет на натпреварот против Астон Вила.

Шо допрва ќе игра во новата сезона поради повреда на потколеницата, додека Маласија е надвор од терените од летото 2023 година поради повреда на коленото. 

Тен Хаг, пак, е под зголемен притисок по тешкиот пораз од 3-0 од Тотенхем викендов и ремито 3-3 против Порто во Лига Европа. Тоа се случи дури откако Хари Мегваер постигна гол во судиското надополнување.

Седум од осумте примени голови на Јунајтед во лигата се од левата страна на одбраната. Таму, Тен Хаг се обиде да го искористи десниот бек Диого Далот.

- Долго време имавме проблеми на позицијата лев бек. Сигурен сум дека ќе играме подобро како тим кога ќе можеме да користиме левоног дефанзивец на таа позиција. Ги чекаме Лук Шо и Тајрел Маласија да се вратат во составот, што секако ќе ни помогне да најдеме постојаност, истакна тој.

За бавниот почеток на сезоната, Тен Хаг објасни дека сите се обединети во една цел - сопственици, менаџери, вработени. 

-Назначени се многу нови луѓе и доведовме млади играчи на кои ќе им треба време да се интегрираат. Знам дека на највисоко ниво никој не те чека, но спротивното е нереално. Едноставно имаме позиции каде на играчите им треба време. Има некои области на теренот каде што секако треба да бараме подобрување за да растеме. Ќе видиме на крајот од сезоната до каде сме стигнале, додаде Тен Хаг. дс

Фото: Архива

Остани поврзан