Нема кадар и интерес за студирање метеорологија, се очекуваат можности за вработување во повеќе сектори
- Недостигаат експерти по метеорологија во државава што ќе ги заменат оние кои заминуваат во пензија или, пак, во институциите што имаат потреба од метеоролози, не се вработува соодветен кадар. Слаб е и интересот за студии на Програмата за геофизика и метеорологија, една од шесте на Институтот за физика на Природно-математичкиот факултет на УКИМ, и покрај тоа што, поради дефицитарноста, МОН доделува стипендии за студиите по физика.

Скопје, 22 февруари 2025 (МИА) - Недостигаат експерти по метеорологија во државава што ќе ги заменат оние кои заминуваат во пензија или, пак, во институциите што имаат потреба од метеоролози, не се вработува соодветен кадар. Слаб е и интересот за студии на Програмата за геофизика и метеорологија, една од шесте на Институтот за физика на Природно-математичкиот факултет на УКИМ, и покрај тоа што, поради дефицитарноста, МОН доделува стипендии за студиите по физика.
- Кадровската состојба во областа на метеорологијата и хидрологијата во Македонија е загрижувачка. Според последните анализи, државата се соочува со сериозен недостиг од експерти од овие области, бидејќи многу искусни кадри се пред пензионирање. Исто така, критична е состојбата со набљудувачкиот кадар, вработен во државната хидрометеоролошка мрежа на метеоролошки, хидролошки, климатолошки, агрометеоролошки и фенолошки станици. Затоа е неопходно итно зголемување на интересот за овие студии и отворање нови можности за вработување на младите кадри, изјави за МИА проф. д-р Владо Спиридонов, редовен професор по метеорологија на Институтот за физика и во моментов единствениот кој ги предава метеоролошките предмети на додипломските и на последипломските студии на студиската програма за геофизика и метеорологија.
За првиот циклус (додипломски) студии програмата е освежена со нова акредитација од 2022 година, така што метеорологијата се изучува уште во првиот семестар, овозможувајќи им на студентите рано да се запознаат со основните концепти на оваа научна дисциплина. До звањето дипломиран инженер по физика-метеорологија се доаѓа со завршени четиригодишни студии (осум семестри).
Од 2021 до 2024 година, вели Спиридонов, дипломирале двајца студенти, а еден студент ги завршил последипломските студии и стекнал звање магистер по физика-метеорологија. Тие следеле настава според претходната акредитациска програма (2017-2022).
Во тековната 2024/2025 година, запишан е само еден студент на геофизика и метеорологија, иако според Конкурсот на УКИМ беа слободни 15 места во државната квота и пет во квотата за кофинансирање на студиите.
- Квотата за упис не е променета низ годините, но загрижувачки е фактот дека бројот на заинтересирани кандидати е низок. Интересот за студирање на оваа програма е многу мал. Во моментов, вкупно тројца студенти се активни во оваа студиска програма, вели Спиридонов.
Иако со уписната квота може да се запишат доволно студенти и иако МОН доделува стипендија за сите шест програми од студиите по физика, која изнесува 18.000 денари и е највисока во однос на другите категории стипендии, сепак студенти на додипломски студии не се запишуваат.
За да се зголеми атрактивноста на програмата, според Спиридонов, потребни се и дополнителни мерки што ќе придонесат за препознатливост на програмата и подобрување на нејзиниот статус, како проширување на студиската програма со нови, интердисциплинарни предмети, подобрување на лабораториската инфраструктура, осовременување на предавалните, набавка на современи инструменти, модерна миниметеоролошка опсерваторија, финансирање преку научно-истражувачки проекти...
Слабиот одѕив за студирање се должи веројатно и на неизвесноста за натамошната кариера во професијата и дали студентите по дипломирањето ќе добијат соодветно вработување затоа што неретко во институциите има друг профил вработени наместо метеоролози кои се остручени со широк спектар на знаења клучни за разбирање на атмосферата и метеоролошките процеси, како и за примена во прогноза, климатски анализи и истражувања.
- Различни се искуствата за вработувањето. Во минатото, голем дел од дипломираните метеоролози се вработувале во надлежните институции веднаш по дипломирањето. Сепак, постои и генерација дипломирани студенти кои се соочиле со тешкотии при вработување, бидејќи немало отворени позиции во моментот на нивното завршување. Ова ги принудило да бараат алтернативни професионални можности надвор од метеорологијата, истакнува Спиридонов, кој и е поранешен визитинг професор на Универзитетот во Виена.
Нагласува дека метеорологијата има мултидисциплинарна примена во многу сектори во државава и можности за вработување во екологија, земјоделство, енергетика, транспорт, здравство, шумарство, водостопанство, туризам итн.
Како единствен професор по предметите од метеорологијата, Спиридонов во изминатиот период, преку широк спектар на активности, особено преку социјалните мрежи, вклучувајки бројни медиумски настапи, работи на афирмација и промоција на физиката како природна наука и метеорологијата во земјава и се залага и за формирање наставен кадар што ќе предава на оваа студиска програма на Институтот за физика односно работи на создавање подмладок кој ќе продолжи со истражувачката и наставната работа во областа на метеорологијата.
Веќе се запишани пет кандидати на новата магистерска програма по физика на атмосферата – метеорологија, на вториот циклус студии на Институтот, која почна да се реализира во оваа академската година. Студиите траат една година (два семестра), а дипломираните кандидати ќе имаат звање магистер по физика на атмосферата – метеорологија. Програмата, вели тој, е современа, интердисциплинарна, флексибилна и приспособена за кандидати од различни области, вклучувајќи технички и природни науки. Во неа се вклучени професори од Институтот за физика и Институтот за географија при ПМФ, како и професор од ФИНКИ.
Се надева дека ќе расте интересот за оваа студиска програма. Смета дека правилната едукација и познавањето на климатскиот систем и физиката на атмосферата се суштински за правилно разбирање на овој сложен концепт на климатските промени и предизвиците што тие ги носат, неопходни за адаптација и ублажување на ризиците што произлегуваат од нестабилноста на климатскиот систем.
- Метеорологијата е интердисциплинарна наука со суштинско значење за проучување на климатскиот систем на нашата планета, кој е нестабилен поради глобалното затоплување и ефектот на стаклена градина. Климатските промени се комплексно прашање што спаѓа во основните физички концепти на атмосферата. Затоа, на метеорологијата треба да ѝ се даде поголема тежина, бидејќи таа обезбедува неопходни знаења за функционирањето на овој систем и за сите форсирања што придонесуваат кон одредени повратни реакции, како што се зголемувањето на фреквенцијата и интензитетот на екстремните временски настани, загрозувањето на биодиверзитетот и екосистемите, како и предизвиците за одржливиот развој, заклучува проф. Спиридонов.
Од Министерството за образование и наука за МИА велат дека согласно нивните надлежности, стимулација што може да ја обезбедат е стипендијата што им се доделува на студентите запишани на студиските програми по физика, по 18 илјади денари месечно за девет месеци во годината.
- Но, очигледно е дека се потребни и промени во студиските програми, а секако предлог се очекува од високообразовните установи, кои се автономни и ја уредуваат наставната материја. Поддржуваме воведување интердисциплинарни предмети, како и соработка со странски универзитети и спроведување на заеднички студиски програми со двојни дипломи, сметаат во МОН.
Во однос на кадровската екипираност, Министерството посочува дека не само на Институтот за физика на ПМФ, туку на сите јавни високообразовни установи очекуваат подобрување на состојбите од оваа година.
- Високото образование станува приоритет и обезбеден е значително поголем буџет споредено со изминатите години, додаваат од Министерството за образование и наука.
Хатка Смаиловиќ
Фото: МИА архива