• понеделник, 23 декември 2024

Тежок состанок меѓу дипломатите на ЕУ и Иран за нуклеарната програма пред враќањето на Трамп

Тежок состанок меѓу дипломатите на ЕУ и Иран за нуклеарната програма пред враќањето на Трамп

Женева, 29 ноември 2024 (МИА) - Европски и ирански дипломати се состанаа денеска за да разговараат дали би можеле да се вклучат во сериозни разговори, вклучително и за спорната иранска нуклеарна програма, пред Доналд Трамп да се врати во Белата куќа во јануари.

Состаноците во Женева, први по изборите во САД, доаѓаат откако Техеран беше налутен од резолуцијата поддржана од Европа минатата недела, во која се критикува Иран за неговата лоша соработка со нуклеарното набљудување на ОН.

Висок ирански претставник изјави дека Техеран очекува разговорите да бидат „тешки и сериозни“. Тој додаде дека следната недела Техеран ќе разговара со Русија и Кина, незападни потписнички на иранскиот нуклеарен договор од 2015 година, од кој Трамп ги повлече САД за време на неговиот прв мандат.

Трамп, кој по повлекувањето од нуклеарниот договор водеше политика на „максимален притисок“ со намера да ја уништи иранската економија, ја полни својата нова администрација со поборници за остра политика кон Иран.

Иранскиот заменик министер за надворешни работи и нуклеарен преговарач Маџид Тахтраванчи се состана со координаторот на ЕУ Енрике Мора синоќа и денеска разговараше со врвни дипломати од Велика Британија, Германија и Франција, познати како Е3.

Мора рече дека разговорот бил искрен и фокусиран на воената поддршка на Иран за Русија, ситуацијата на Блискиот Исток и нуклеарното досие.

Нивото на недоверба кај двете страни беше истакнато кога Е3, европските страни во нуклеарниот договор од 2015 година, ја протуркаа резолуцијата на одборот на гувернери на Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ) на 21 ноември со која се критикува Иран.

Техеран реагираше на резолуцијата со тоа што ја информираше МААЕ дека планира да инсталира повеќе центрифуги за збогатување ураниум во неговите капацитети. мс/

фото: МИА архива

Остани поврзан