• сабота, 23 ноември 2024

Тежок период за охридските угостители и хотелиери, оптимизам постои дека летово сепак ќе има странски гости

Тежок период за охридските угостители и хотелиери, оптимизам постои дека летово сепак ќе има странски гости
Охрид, 9 април 2021 (МИА) – Забраната за посета на угостителските објекти во Охрид ги натера граѓаните и малубројните гости во градот сончевото време да го користат за прошетки по кејот на езерото и во некои од парковите и излетничките места. За угостителите мерката за забрана за работа со гости значи дополнително оптоварување, но се обидуваат да искористат некои од можностите како пружање услуги преку нарачки и продажба на храна и пијалоци за „в рака“. Според изјавите на угостителите, најчесто се купуваат пијалоци и кафе од импровизираните тезги пред самите локали, како и нарачаки за храна за дома. Најчесто се работи за јадење на скара, брза храна како сендвичи и пици. За побарувачката велат дека не е зголемена, со оглед на севкупната ситуација наметната од епидемијата уште од минатата година. Прометот што го остваруват во најголем дел трпи поради енормно намалениот број странски гости, кои со мали исклучоци речиси и ги нема на Охридската ривиера. Стравуват дека засилените рестриктивни мерки предвидени да траат до 20 април би можеле да продолжат и за претстојните првомајски и велигденски празници, кога редовно Охрид е посетен од гости, како од другите градови, така и од соседните држави. Хотелиерите и приватните станоиздавачи засега се без резервации за претстојниот период, што дополнително укажува на реалните потешкотии со кои се соочува туристичкиот сектор во најпосетуваната туристичка дестинација во државата. Сега туристичките работници од градот чекаат како државата ќе ги уреди начините да им овозможи на заинтересираните странски гости да дојдат во Охрид, но сето тоа директно ќе зависи од ситуацијата и како ќе се одвиваат работите врзани со епидемијата. Повеќе од сигурно е дека тоа нема да биде во обем како што беше во сезоните 2019 или 2018, но постои оптимизам дека повторно летово би можеле во Охрид да видиме гости од Израел, од земјите од Бенелукс и Полска, кои се уште се држат кон нивните планови да дојдат на летување тука. Но, сепак реализацијата и на едно организирано ноќевање на Охридската ривиера директно се врзува со околностите што ќе бидат наметнати од коронавирусот. аб/мд/

Остани поврзан