Сѐ повеќе жртви од поплавите низ Европа
- Поради циклонот „Борис“ кој донесе обилни дождови низ Европа, во покраината Долна Австрија загинаа две лица на возраст од 70 и 80 години.
Виена/Прага/Будимпешта, 16 септември 2024 (МИА) - Поради циклонот „Борис“ кој донесе обилни дождови низ Европа, во покраината Долна Австрија загинаа две лица на возраст од 70 и 80 години.
Австрискиот канцелар Карл Нејмар изјави дека 2.400 војници помагаат при евакуацијата на луѓе и расчистувањето.
Во Виена 140 патници на брод за крстарење се заглавија во Дунав. Бродот не може да се закотви, а патниците и екипажот треба да останат таму барем до вторник.
Австриската влада ја прогласи целата покраина Долна Австрија погодена од поплавите, околу главниот град Виена и на границата со Чешка за подрачје на катастрофа.
Во полскиот град Ниса, евакуирана е болница додека Вроцлав е во предупредување од поплави, а голема штета е направена во Клок, Ладек-Здруј и околината. Болницата е евакуирана бидејќи надојдената вода навлегла во одделението за итна брза помош од каде пациентите се евакуирани со понтони и чамци.
Чешката полиција соопшти дека едно лице загина, а седум лица се водат како исчезнати во поплавите. Поради невремето, во Чешка без напојување на електрична енергија се околу 118 илјади домаќинства. Надојдена е и реката Морава.
Градоначалникот на Будимпешта, Карачони Гергели изјави дека на градот му се заканува најголема поплава во измината деценија и оти поради зголемениот водостој на Дунав по обилните дождови од претходните дена, главниот град на Унгарија сериозно се подготвува за евентуалните поплави.
Илјадници луѓе вчера беа евакуирани од своите домови во Полска, Чешка, Австрија и Романија.
Илјадници куќи беа оштетени за време на викендот, мостови беа однесени, а најмалку 250.000 домаќинства, главно во Чешка, останаа без струја.
Едно лице се удави во неделата во југозападна Полска, пожарникар кој учествуваше во спасувачките операции загина во Австрија, а уште две лица загинаа во Романија, каде поплавите однесоа четири животи во саботата. мс/
фото: ЕПА