• сабота, 23 ноември 2024

Суд на ревизори на ЕУ: Здравствените проекти што ги финансира ЕУ во Африка не се секогаш усогласени со потребите

Суд на ревизори на ЕУ: Здравствените проекти што ги финансира ЕУ во Африка не се секогаш усогласени со потребите

Брисел, 3 октомври 2024 (МИА) - Пропустите во начинот на финансирање на координацијата и испораката на вакцини од страна на ЕУ, резултираше со нивни недостиг во земјите партнери на Унијата, се наведува во Извештајот на Европскиот суд на ревизори во врска со ревизорската контрола на финансиската поддршка на блокот на здравствени проекти во Демократска Република Конго, Бурунди и Зимбабве во периодот од 2007, па до почетокот на оваа година. 

Судот на ревизори посочува дека еден од клучните проблеми е што некогаш постои неусогласеност меѓу здравствените проекти финансирани од ЕУ и локалните потреби во партнерските земји. 

Во документот се нагласува дека во услови на постојан раст на трошоците за финансирање на здравствени проекти од страна на ЕУ во последните 17 години, се појавуваат „сериозни проблеми“ во координацијата со земјите партнери, што резултира со, на пример, постојан недостиг на лекови и ограничена достапност до вакцини во Зимбабве. 

Европските ревизори потенцираат дека ова се случува и покрај тоа што ЕУ во ноември 2022 година ја лансираше својата Глобална здравствена стратегија за зајакнување на здравствените системи и фармацевтските синџири на снабдување ширум светот и за подобрување на пристапот до лекови, вклучително и до вакцини. 

- Фондовите на ЕУ треба да се користат поефективно, особено со подобрување на критериумите за распределба на финансиите, обезбедување разумни трошоци за управување и надминување на проблемите со одржливоста на проектите, изјави претставникот на Ревизорскиот суд, Џорџ Мариус Хизлер. 

Објавувањето на овој ревизорски извештај доаѓа во време на актуелната епидемија на мајмунски сипаници во Централна и Источна Африка, каде неодамна Светската здравствена организација (СЗО) прогласи вонредна здравствена состојба, а каде дополнителен проблем се и хуманитарните кризи и недостигот на храна во некои земји, пред се ДР Конго. 

- Иако епидемијата на мајмунски сипаници избувна по завршувањето на ревизорската работа на терен, нашиот извештај опфаќа и прашања поврзани со испораката и дистрибуцијата на лекови и одржливоста на програмите што ги поддржуваат здравствените системи, се додава во документот. 

Според ревизорите, епидемијата на мајмунски сипаници не е единствениот здравствен проблем со кој се соочуваат африканските земји, па затоа е потребно обезбедување дополнително домашно и меѓународно финансирање и подготовка на реални стратегии за транзиција, со цел да се обезбеди одржливост на глобалните здравствени програми. сп/

Фото: МИА Архива

Остани поврзан