• понеделник, 23 декември 2024

Судска конференција: Зајакнувањето на судската одговорност, независност и довербата на јавноста клучни за интеграцијата во ЕУ

Судска конференција: Зајакнувањето на судската одговорност, независност и довербата на јавноста клучни за интеграцијата во ЕУ

Скопје, 19 ноември 2024 (МИА) – Зајакнувањето на судската одговорност, независност и довербата на јавноста, се клучни за интеграцијата во Европската Унија, додека, судството мора јавно и силно да ги изразува своите ставови преку постојан активизам. Ова беа дел од главните пораки на судската конференцијата организирана од Академијата за судии и јавни обвинители во соработка со CEELI Институтот и проектот „Поддршка на ЕУ за владеење на правото во Република Северна Македонија“ што се одржува денеска и утре во Скопје. 

Конференцијата опфаќа панел-дискусии за тековните предизвици и можни решенија за обезбедување независност на судството и има за цел да обезбеди патоказ за реформи кои ќе создадат независно, транспарентно и одговорно судство во Северна Македонија, усогласено со меѓународните стандарди и очекувањата на јавноста.

Директорката на Академијата за судии и јавни обвинители на Северна Македонија, Ирина Трајкоска Стрезоски, во воведното обраќање порача дека одржувањето на независноста и одговорноста, како и тековните реформи за зајакнување на судството, остануваат клучен приоритет на патот кон интеграција во Европската Унија, а основна визија на Академијата е градење на европски профил на судии и јавни обвинители, но и на судско-обвинителска администрација преку почетната и континуирана обука.

- Мисијата на АСЈО е унапреувањe и обезбедува на независно, непристрасно, високо професионално и ефикасно правосудство кое ќе го афирмира принципот на владеење на правото и заштита на човековите права. Целта е да создадеме современ правосуден систем заснован на европски вредности, кој ќе биде целосно хармонизиран со европската легислатива и ќе ги инкорпорира меѓународните стандарди, се со намера да ја подигне довербата на граѓаните во правосудните институции, порача Трајкоска Стрезоски. 

Беса Адеми, претседателка на Врховниот суд порача дека судството не смее да биде дистанцирано од своите ставови и заложби туку, како што рече, треба јавно, гласно и силно да ги искаже преку постојан судски активизам. Таа посочи дека судската власт треба да биде единствена, а не поделена, бидејќи со разделеност од какви било побуди не може да се ефектуира неговата уставна положба. Од клучно значење, дополни е обезбедување на целосна независност од сите аспекти, потенцираше таа. 

- Не може да се говори за независност на судството со тенденциозно намалување на судскиот буџет и покрај утврдениот законски минимум. Не може да се говори за независност на судството ако тоа се користи за политички калкулации и мотиви што најмалку ѝ припаѓаат на надлежностите на судската власт. Несоодветните влијанија од различни центри на моќ се ризик за корупција. Потребна е целосна законодавна, функционална и финансиска независност, порача Адеми. 

Според неа, никој не треба да биде над законот бидејќи на тој начин се гради јавната доверба во судскиот систем и во моралниот интегритет на судството. Таа потенцираше дека е нужна промена на сфаќањата и внесување на идеи кои ќе бидат прогресивни во поглед на владеење на правото.

Извршниот директор на институтот CEELI, еден од ко-организаторите на денешниот настан, Роберт Странг, порача дека независноста е клучна за работата на судиите, нагласувајќи дека работата на препораките од ЕУ и САД во таа насока, се добра идеја, со оглед на значењето на обезбедување на независноста на судството во предпристапниот процес кон ЕУ.

 - Во однос на панелите кои ќе се дискутираат денеска, постои едно прашање полно со предизивици на кое работат многу земји во регионот. Дали да се работи со пред-ветинг или целосен ветинг. Знам дека е сложено прашањето. Имаме и водич што ќе одговори на тоа прашање. Разгледавме ситуации во различни земји со ветинг, земји кои што сакаат да воведат ветинг и да добиеме појасна слика. Однадвор ветингот се чини како прекрасна идеја, се спречува корупција со него, но мора да имеме предвид дека може да се искористи во различни ситуации. Сложено е прашањето и се надевам дека ќе имаме една убава дискусија, нагласи Странг.

Влијанието и улогата на Здруженијата на судии, посочи Стринг, исто така, играат клучна улога во заштита на судиите од надворешни напади и влијанија.

- Една од работите што ги научивме и се надевам ќе биде споделено на панелот денеска, е тоа што подготовките за заедничка работа на судиите требало да почнат уште вчера. Ако се чека до последен момент, кога ќе бидете на тапет на политичари, демагози и слично, јавноста, доцна е да се одговори. Треба добро да се разбере и да се зајакне довербата на јавноста, тоа е клучно, нагласи Стринг.

Весна Дамева, претседателка на Судскиот совет истакна дека темата на конференцијата не е нова, туку е актуелна веќе подолго време. 

- Конечно треба да се стави крај на неодговорните судии, на нивната зависност од кој било и на кој било начин и секој да одговара за своето нестручно и несовесно постапување, особено кога тоа е побудено поради одредени влијанија. Секој судија е должен да го заштити својот интегритет и да не дозволи да се злоупотребува судиската функција за лични или политички цели, само на тој начин ќе почне да се враќа довербата кај граѓаните. Таа сите ние мора да ја заслужиме, но не со молчење, треба одважност, решителност и интегритет, порача Дамева.

Гжегож Борковски, член на Уредничкиот одбор на Водичот за ветинг го судството (Полска), посочи дека фактот што целата судска фела е присутна на денешниот настан, ја покажува не само важноста на темите што ќе ги дискутираме, туку и пораката за единството.

- Ние сме се собрале денеска и заедно дискутираме, покажуваме дека има единство во правосудниот систем. Ние како судии и јавни обвинители му служиме на народот и општеството, не смееме да заборавиме дека не сме подобри од нив. Во исто време, играме важна улога, мора да служиме како пример, и ако покажеме единство, тоа ќе биде најдобар пример. Ако не ја добиеме довербата на народот, многу брзо политичарите ќе преземат. Секогаш мора на општеството да му покажеме дека ние ја градиме довербата и заедно настапуваме, рече тој. 

Никол Варнес, заменик шеф на мисија, Амбасада на САД во Скопје, Северна Македонија, посочи дека треба да се фокусираме на решенија, а не на проблеми.

- Граѓаните на оваа земја имаат многу ниско мислење за правосудството во Северна Македонија и изразуваат желба за поголема ефикасност, независност и транспарентност. Оваа недоверба, дека правосудните органи работат за нив предизвикува апатија и барање можности во странство. Ајде да зборуваме за тоа какви промени може да направиме, за транспарентност, отчетност на судии и судови, рече таа.

Дополни дека САД продолжува да биде партнер на РСМ во обезбедување на владеењето на правото.

- Секогаш ќе ви помагаме да ја заштитите правдата и да има владеење на правото, ако сте желни храбро искрено да пристапите кон реформите, секогаш ќе ја имате нашата поддршка, потенцираше Варнес.

Во вториот дел од денешната конференција ќе се одржат панел-дискусии за обезбедување независност на судството, тековни предизвици и можни решенија, на тема „Улогата на Академијата за судии и јавни обвинители во зајакнувањето на независноста на судството и професионалните стандарди“, „Улогата на Судскиот совет и Советот на јавни обвинители во обезбедување независност на судството“ и Улогата на Здружението на судии и Здружението на јавни обвинители во обезбедување независност на судството.

На крајот од денешниот ден ќе се зборува за отчетност на судството, дисциплински постапи против судиите и алтернативи на ветингот во судството. 

На агендата за утре се дискусии за улогата на судијата во одбрана на судската независност и владеењето на правото - искуства од други земји.

Академијата за судии и јавни обвинители „Павел Шатев“, во рамки на соработката со CELLI Институтот и проектот „Поддршка на ЕУ за владеење на правото во Република Северна Македонија“, на 19 и 20 ноември 2024 година, во свечената сала на Врховен суд на Република Северна Македонија, организира конференција на тема „Зајаканување на судската одговорност, независност и довербата на јавноста“. 

На настанот присуствуваат судии, јавни обвинители и други правни професионалци од Република Северна Македонија, како и од други земји од ЕУ и САД.

Целта на конференцијата е да одговори на предизвиците за способноста на судството во Република Северна Македонија да ги исполни стандардите на ЕУ и да изгради доверба во јавноста со фокусирање на одговорноста преку дисциплински мерки, етика, процеси на проверка и обезбедување на независност на судството.ар/аа/

Фото:АСЈО
Видео: Аслан Вишко

Остани поврзан