• сабота, 23 ноември 2024

Судири на Западниот Брег

Судири на Западниот Брег
Наблус, 20 септември 2022 (МИА) - Насилни конфликти избија денеска во Наблус, град во окупираниот Западен Брег, за време на ретка операција на безбедносните сили на Палестинската управа, кои се обидувале да уапсат член на исламистичкото движење Хамас. Стотици млади Палестинци фрлаа со камења кон оклопните возила на Палестинската управа, чиј претседавач е Махмуд Абас, додека размена на оган се слушаше низ Наблус, пренесе Бета. Партијата Хамас, ривал на Фатах на претседателот Махмуд Абас, апсењето на Мусаб Шатаје го нарече „киднапирање“ и „национално злосторство“. Хамас бараше Шатаје веднаш да се ослободи, како и Амид Тбаилех, уапсен заедно со него, според соопштението на вооружената група на власт во Појасот Газа. Хамас ја критикуваше Палестинската управа поради продолжување на безбедносната координација со Израел. Во конфликтите животот го изгуби 53-годишниот Палестинец, Фирас Јаиш. За ова информираше неговото семејство на Фејсбук, а палестинските власти не ја потврдија информацијата. Операциите на Палестинската управа се релативно ретки на сверниот дел од Западниот Брег, палестинска територија окупирана од Израел од 1967 година. Изминатите месеци територијата е преплавена од насилство. Од друга страна, израелската војска редовно спроведува акции во областа, каде активни се палестинските вооружени групи. Цел на тие рации, како што тврди израелската војска, е да се уапсат лица осомничени за „тероризам“, а често се проследени со конфликти со борци или жители на областа. Минатата недела, израелскиот премиер Јаир Лапид изјави дека нема да се двоуми да делува секаде, каде Палестинската управа нема да воведе ред, по смртта на еден израелски војник и двајца Палестинци во размена на оган кај Џенин во северниот дел. Фатах и Хамас се во ривалски односи од 2007 година. Тогаш исламистичкиот Хамас ја презеде контролата над Газа по конфликти. бд/

Остани поврзан