Судењето за „Империја“ одложено за 20 март
- Во Основниот кривичен суд Скопје денеска се одложи судењето за случајот „Империја“ против преостанатите три лица од предметот, по спроведената истражна постапка против 19 лица.
Скопје, 10 март 2023 (МИА) - Во Основниот кривичен суд Скопје денеска се одложи судењето за случајот „Империја“ против преостанатите три лица од предметот, по спроведената истражна постапка против 19 лица.
Судењето беше одложено поради барање на одбраната да ѝ се даде време за разгледување на листата на докази добиена неодамна, како и да им се достават други докази, за кои, како што посочија, до почетокот на денешната расправа не ги добиле од обвинителството.
Во овој случај обвинети се Цветан Панделески, Зоранчо Митровски и Јованчо Тасковски, кои се гонат за кривичните дела „злоупотреба на службена положба“, „перење пари“ и „измама“, а Основното јавно обвинителство достави и предлог од тројцата обвинети да се конфискува имот во вкупна вредност од 292 333 000 денари или 4 753 382 евра.
Прво и второобвинетиот се гонат за „злоупотреба на службена положба“ и „перење пари“, а на првообвинетиот на товар му се става и кривичното дело „измама“ за кое се товари и третообвинетиот.
Според опишаните дејствија во Обвинителниот акт, прво и второобвинетиот и веќе едно осудено лице, во периодот од месец мај до месец август 2013 година како соизвршители ги искористиле своите овластувања како одговорни лица – членови на Одбор на директори на правно лице и претставници на акционерскиот капитал.
- Тие заедно, по претходен договор, со умисла помогнати од сведок–соработник на правдата и веќе осудено лице во предметот, прибавиле значителна имотна корист во износ од 4 000 000 евра за три правни лица, а на штета на оштетеното правно лице и 150 малцински акционери. Со намера да го прикријат изворот од казненото дело, прво и второобвинетиот паричните средства ги пренесувале на жиро сметки на други правни лица, стои во обвинителниот акт.
Се додава дека во периодот од октомври 2013 година до јануари 2014 година двајца сведоци–соработници на правдата, заедно, како соизвршители со прво и третообвинетиот, со намера за себе и за друг да прибават значителна противправна имотна корист, довеле во заблуда едно физичко и едно правно лице.
- Со цел по пониска цена да ги земат акциите што во друго правно лице ги поседувале оштетената и оштетеното правно лице, лажно прикажувајќи факти ја довеле во заблуда оштетената да преземе дејствија со кои нанела значителна имотна штета од 283 591 535 денари на себе си и правното лице за сметка на акциите што ги поседувале и што биле продадени на физички и правни лица за износ од 433 592 465 денари. Откако со извршување на кривичното дело измама била прибавена корист за правно лице во кое еден од сведоците на правдата бил сопственик и управител, за да ги прикрие парите дека потекнуваат од кривично дело, по основ на позајмици ги пренел на три правни и едно физичко лице, а потоа уделот од правното лице што го поседувал го пренел на трите правни лица на кои им биле дадени позајмици, па откако имотната корист прибавена со кривичното дело им била исплатена како дивиденда од по 107 833 000 денари, правното лице било пренесено на оф шор компанија од Белизе и ликвидирано, дополнуваат од обвинителство.
Парите прибавени од кривично дело и исплатени по основ на дивидендата на правното лице каде членовите на семејството на првообвинетиот биле сопственици, според обвинението, за да се прикрие дека потекнуваат од кривично дело по насоки на првообвинетиот, по основ на позајмица биле префрлени 62 000 000 денари на неговата лична сметка, а останатите во износ од 45 833 000 денари правното лице ги пуштило во оптек за плаќање по разни основи.
За дел од лицата опфатени во истражната постапка, помеѓу другото, имаше пресуди врз основа на предлог спогодби, застарување како и решенија за неповедување на кривична постапка.
Помеѓу спогодбите беше и спогодбата на поранешниот шеф на УБК, Сашо Мијалков, кој призна вина и се спогоди со Обвинителството за организиран криминал со што беше осуден на 3 години затвор и исплата од 6,1 милиони евра во кеш за уделот во хотелот Мериот и му беше одземен и имот во вредност од околу 30 милиони евра.
Спогодба, исто така, направи и бизнисменот Орце Камче кој доби казна затвор од една година и обврска да уплати 5,2 милиони евра на управата за јавни приходи заради пресметан непалтен данок со фирмата „Орка холдинг“.
Случајот го води судијката Васка Николовска Масевска, а застапник на обвинението е обвинителката Лиле Стефанова. Главната расправа е закажана за 20 март. ар/аа/
Фото: МИА архива