• сабота, 23 ноември 2024

Студентски марш пред Влада, се бара зголемување на студентскиот оброк од 120 на 160 денари

Студентски марш пред Влада, се бара зголемување на студентскиот оброк од 120 на 160 денари
Скопје, 17 ноември 2022 (МИА) – Студентскиот отпор за правда на студентите денеска, во 17:30 часот пред Влада, организира студентски марш, по повод 17 Ноември – Меѓународниот ден на студентите, и воедно бара зголемување на субвенционираниот студентски оброк од 120 на 160 денари дневно. Тие ги повикуваат членовите на собраниската Комисија за финансирање и буџет, на денешната седница да ги прифатат амандманите кои се однесуваат за зголемување на износот на оброкот и продолжување на рокот, а не како што се предлага тој да биде до март-2023 година. - Повторно ги повикуваме пратениците независно од која политичка партија се да ги прифатат амандманите на денешната седница на Комисијата за финансирање и буџет, кои се однесуваат на зголемување на износот на субвенционираниот студентски оброк на 160 денари и продолжување на рокот за субвенциониран студентски оброк, а не како што се предлага истиот да биде до март-2023 година. Доста е од тоа 30 години политичките елити да мислат само на себе и да се хранат со октоподи, бифтеци и друго, а да нема пари за македонскиот студент, велат од Студентскиот отпор за правда на студентите. Потенцираат дека не смее да се дозволи да се штеди на младите луѓе. - Потребно е и итно решавање на другите наши проблеми како што е: износот на стипендиите, мерките за штедење на електрична енергија и условите во студентските домови. Доста е од приказни за работни групи, планови, одбори и слично, кога студентите гладуваат и смрзнуваат, велат студентите. Тие нагласуваат дека студентскиот стандард мора да се подобри. ир/са/

Остани поврзан