• петок, 15 ноември 2024

Студентите од штипскиот Земјоделски факултет дебатираа на тема „Климатските промени реалност или мит“

Студентите од штипскиот Земјоделски факултет дебатираа на тема „Климатските промени реалност или мит“

Штип, 12 ноември 2024 (МИА) –Климатските промени, односно промената во режимот на врнежи и температурните разлики, се причина години наназад да се намалува родот на пченката, пченицата, грозјето. Изместувањето на годишните времиња скапо ќе ги чини земјоделците, доколку своето производство не го адаптираат, сметаат експертите. Деканката на Земјоделскиот факултет при Универзитетот „Гоце Делчев“, Емилија Арсов вели дека нашите земјоделци веќе ги чувствуваат климатските промени.

-Земјоделците долго време го очекуваат дождот којшто вчера го имавме. За да имаат плодна есенска сеидба, треба да има и дожд и пониски температури. Меѓутоа климатските промени си го прават своето, така што малку ни се се изместени годишните времиња, ќе се адаптираме на условите коишто ни ги нуди средината се со цел да имаме доволно производство на храна. Во светски рамки, сите алармираат дека производството на храна оди во надолна линија, вели Арсов

Универзитетската професорка Фиданка Трајкова вели  за да се ублажат последиците од климатските промени, во наредниот период фокусот не треба да се стави на промената на културите, туку на начинот на одгледување.

-Но, најверојатно треба да се направи промена на начините на одгледување, како и промените на средствата за заштита. Еве раноградинарското производство, во голема мера се префрла од отворено, во затворен простор. Во секој случај мора да ги прифаќаме трендовите коишто ќе понудат соодветен принос со добар квалитет, изјави Трајкова. Токму и на оваа тема Климатските промени-реалност или мит, денеска дебатираа идните агрономи при штипскиот Универзитет. Инаку „Денови на млади истражувачи“ втора година по ред се реализираат на Земјоделскиот факултет при Универзитетот „Гоце Делчев“- Штип. Деканката на Земјоделскиот факултет на Универзитетот „Гоце Делчев“-Штип, Арсов истакна дека од денеска и во наредните два дена фокусот е ставен на младите, со цел да го надоградат своето знаење, но и да ги подобрат своите комуникациски вештини. Целта е да научат да разликуваат релевантни од нерелевантни извори на информации.

-Фокусот секогаш е ставен на нашите студенти така што уште еднаш докажуваме како факултет дека интезивно работиме студентите да се стекнат не само со теоретско и практично знаење, туку работиме и на нивната комуникација за да може полесно да се изразуваат,  вели Арсов.

Во активностите се вклучени студентите од втора година, кои се поделени во две групи. Првата група работи на докажување на реалноста дека постојат климатски промени кои влијаат врз земјоделството, а втората група докажува дека тоа е мит. Со помош на вакви дискусии и активности се работи на задржување на мадите дома и да работат во земјоделството.

-За утре е планирана петтата Студентска конференција, критични прашања во земјоделството и животната средина. Можеме да кажеме дека оваа година ни е со максимален број на трудови, имаме 29 усни презентации од страна на студентите. Исто така и во третиот ден фокусот е ставен на младите. Темата на третиот ден е Младите во земјоделското производство, додава Арсов. вдј

Фото: МИА 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан