• понеделник, 23 декември 2024

Охрид дел од меѓународна анализа за проценка на ризици и капацитети

Охрид дел од меѓународна анализа за проценка на ризици и капацитети

Охрид, 15 ноември 2024 (МИА) – Охридската организација на Црвениот крст заедно со сестрински организации на уште седум држави ќе биде дел од истражување наменето за проценка и справување со поголеми ризици кои имаат влијание врз заедниците, со цел да се утврди ранливоста на луѓето во однос на ризиците како и зајакнување на капацитетот за справување и опоравување од одредена катастрофа.

Станува збор за активност поддржана од Меѓународната федерација на Црвениот крст и Црвената полумесечина, што преку посебни алатки ја мери изложеноста на луѓето и нивните капацитети за отпорноста од креирањето содветни програми на заедницата за подготвеност при катастрофи во заедницата.

Со проценката на ризици и капацитети се овозможува идентификација на локалните приоритети и превземање на активности за намалување на ризиците од катастрофи како и асистирање при развивањето и изработувањето на програми кои се взаемно поддржувачки и подготвени за имплементација.

Четири групи за проценка денеска ќе имаат средби и разговори со стручни и компетентни лица во делот на справување со кризи во Општина Охрид, на кои ќе учествуваат и претставници на Територијалната противпожарна единица, претставници на јавните претпријатија „Водовод“ и „Нискоградба“, на Општинското оделение на  Центарот за управување со кризи, Секторот за Локален економски развој, преставници на Центар за јавно здравје, на меѓуопштинскиот Центар за социјална работа и претставници на Црвениот крст од Охрид.

На средбите ќе се дискутира за проблематиката поврзана со делувањето на соодветните субјекти на територијата на општина Охрид, во насока на дефинирање на ризиците и капацитетите за одговор на секојдневните предизвици и оние кои доаѓаат со сѐ почестите елементарни непогоди и катастрофи. аб/са/

Фото: МИА

 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан