• среда, 25 декември 2024

Стефковски: Пешачиме за мир, соживот и толеранција

Стефковски: Пешачиме за мир, соживот и толеранција
Скопје, 21 март 2022 (МИА) - По повод почетокот на пролетта, градоначалникот на општина Гази Баба Бобан Стефковски денеска беше покровител на настан под мотото „Пешачиме за мир, соживот и толеранција“. - По повод почетокот на пролетта општина Гази Баба заедно со здружението на граѓани Грин Спорт и Општинскиот сојуз за училишен спорт Гази Баба организиравме настан под мотото „Пешачиме за мир, соживот и толеранција“, објави градоначалникот Стефковски на Фејсбук. Мирот, соживотот и толеранцијата, пишува тој, се три основи на кои треба да се заснова едно општество. - Да се има мир значи да немаме конфликт, да се има соживот значи да се почитуваме себеси но да ги почитуваме и другите, да се има толеранција значи да се има целосна почит и разбирање кон другиот, кон нивните идеи и верувања, без разлика дали истите се разликуваат од нашите, напиша Стефковски. Додаде дека како градоначалник на општина Гази Баба дава силна поддршка на активностите поврзани со меѓуетничката интеграција во образованието, а во иднина, најави, ќе реализираат голем број настани и активности со кои ќе овозможат оддржлив начин на заедничкото живеење. Покрај пешачењето во парк шумата засадиле и нови садници. - Со засадувањето на новите садници, засадуваме и зрно надеж за понатамошна успешна и плодна соработка помеѓу учениците од различните етнички заедници, посочи Стефковски. На настанот учествуваа ученици од општинските основни училишта од различни етнички заедници. - Со ова наше заедничко организирање и делување се придонесува за подобрување на меѓусебната интеракција, се стимулира надминувањето на културните бариери, но и почитување на различните етнички заедници, напиша Стефковски. На настанот присуствуваа и пратениците во Собранието Жаклина Пшевска и Зоран Коцевски, претседателот на Советот Дијана Илиевска и членови на Советот на општина Гази Баба. мс/са/

Остани поврзан