Стевковски за МИА: Остануваме посветени на добрата квалитетна музика, отсвирена на високо уметничко ниво
- Со одржани над 24 настапи како оркестар од кои 12 нови продукции, како и гостувањата низ земјава и во странство, за нас 2024-та беше успешна година исполнета со многу музика, одлични концерти, полни сали, прекрасна публика, како во Македонија така и на гостувањата во странство, вели во интервју за МИА директорот на Националниот џез оркестар, Гоце Стевковски.

Скопје, 16 февруари 2025 (МИА) – Со одржани над 24 настапи како оркестар од кои 12 нови продукции, како и гостувањата низ земјава и во странство, за нас 2024-та беше успешна година исполнета со многу музика, одлични концерти, полни сали, прекрасна публика, како во Македонија така и на гостувањата во странство, вели во интервју за МИА директорот на Националниот џез оркестар, Гоце Стевковски.
Во новата 2025-та согласно конципираната програма, тој, исто така наговестува богата концертна сезона со нови 12 премиери, реномирани гости од странство, нивни настапи надвор од земјава, а го најави и концертот што ќе биде посветен на творештвото на нашиот и светски познат музички виртуоз Зоран Маџиров, кој почина на 49 годишна возраст како последица од повредите здобиени во сообраќајна несреќа.
-Оваа година ќе имаме 12 премиери, ќе имаме гости од странство – од Португалија, Франција, Америка, Африка, од Хрватска итн. Секако, сакаме да го потенцираме македонското творештво и да му оддадеме почит. За оваа година ексклузивно би го најавил концертот кој што ќе биде посветен на творештвото на Зоран Маџиров. Ќе бидат изведени композиции од албумите Балкан Нуево како и некои неиздадени негови композиции. Концертот е предвиден да се реализира во април. Аранжманите за оркестарот се во подготовка, а ќе имаме и гостин солист на вибрафон во негова чест. Претходно, во март, ја имаме Марија Мендес (Португалија), една прекрасна пејачка. Нејзиното пеење се движи во опсегот на фадо музиката, кое е аранжирано за џез оркестар, и мислам дека тоа ќе биде еден фантастичен концерт, вели Стевковски.
Новина е што оваа година планират Фестивалот по повод Светскиот ден на џезот – 30 Април, да трае два дена – 29 и 30 април, а продолжуваат и со гостувањата во градовите низ државата.
-Остануваме посветени на добрата, квалитетна музика, отсвирена на високо уметничко ниво и ќе настојуваме, истото да го задржиме, но и дополнително да го подобриме, порачува Стевковски во интервјуто по повод заокружувањето на првата концертна сезона на Џез оркестарот и во пресрет на концертот со афро-кубанска музика под диригентство на гостинот од Австрија, Зиги Фајгл, најавен за 20 февруари во Филхармонијата.
Следува целосното интервју за МИА на директорот на Националниот џез оркестар, Гоце Стевковски во кое тој се осврнува на новиот начин на финансирање на проектите во културата со тн делегиран буџет, за предизвиците во првата година од делувањето на оркестарот, открива до каде е стасано со екипрањето на оркестарот, како и кога очекува да се вселат во нивниот дом - новите просториите што им ги додели Министерството за култура кои се во фаза на реновирање и опремување.
Националниот џез оркестар – Биг бенд, оваа година со концертот насловен „Џез-лектира: Quintessence by Quincy Jones!”, во Филхармонијата ја почна новата концертна сезона - 2025. Тоа практично беше заокружената прва година од вашето концертно настапување по добивањето на статусот на Национална установа. Можност да се направи ретроспектива и да се сумираат резултатите – што кажуваат бројките?
-Ние сме млада установа, но како оркестар сме присутни веќе подолг период на сцената, всушност од 2016 година кога го формиравме Здружението на џез музичари и слободни уметници - ЗЏМ. Сепак, да не одиме толку во минатото. Да зборуваме за 2024-та година, заклучно со декември, имавме над 24 настапи како оркестар. Од нив 12 беа нови продукции. Како и секоја институција, аплицираме за Годишна програма во Министерството за култура. Минатата година имавме 10 одобрени проекти од кои „Џез Нова“ ни беше првиот концерт, а покрај стандардните концерти во Скопје, направивме концерти и во Штип, Велес, Битола, Охрид, потоа ќе ги спомнам турнеите во Тирана, во Хрватско народно казалиште во Сплит, „Тврџава“ во Шибеник. Потоа, свиревме на отворањето на Џез фестивалот на островот Вис, го отворивме и Сараево Џез фестивал. Исто така, свиревме во Загреб, на отворање на Џез ХР – џез фестивал кој што го организира Хрватското друштво на композитори. На фестивалот настапивме со одлични солисти од Балканот каде автори беа самите солисти. Беа изведени и две композиции од наши автори. Она што за нас е важно, покрај концертите со имиња како Курт Елинг, Џон Рајли, Зиги Фајгл, Рамбо Амадеус, Васил Хаџиманов, Мартин Ѓаконовски, ќе го издвојам настапот на Националниот џез оркестар по повод Денот на независноста - 8 Септември како и концертот за високата јапонска делегација предводена од јапонскиот министер за култура. Посебно драга ни беше соработката со Факултетот за музичка уметност во Скопје и Музичката академија во Штип каде студентите заедно со оркестарот направија вистинска магија на сцената на Македонскиот народен театар, како и детскиот новогодишен концерт кој се одржа во салата на Македонската филхармонија. Се на се, за нас успешна година исполнета со многу музика, одлични концерти, полни сали, прекрасна публика, како во Македонија така и на гостувањата во странство.
Кои беа најголемите предизвици во првата година од делувањето, дали тимот е целосно екипиран и како стоите со финансирањето?
-Предизвици и проблеми имало и ќе има, тие се се составен дел од работата, но, мислам дека веќе сме докажани во нивно решавање и надминување практично во “од”. Најважниот сегмент на нашето работење, а тоа е функционирањето на музички план, реализирањето на нашата програма беше и сеуште е најголем предизвик кој бележи успех и континуитет од осум години. Не би сакал да се жалам, но морам да признам дека не беше лесно долго време да се функционира вонинституционално како неформално здружение, без буџет, но веќе е подобро. Со основањето на Националниот џез оркестар под капата на Министерството за култура, како државна иснтитуција имаме во моментов вработени 14 луѓе, најголем дел во оркестарот, а дел со преземање имаме и во администрацијата. Останатите музичари и помошен персонал се ангажираат по договор на проекти.
Програмата за сезоната 2025-та однапред е конципирана со тоа што како институција аплициравме во месец јуни. Тоа беше пракса досега, сега има и новитети во смисла на делегиран буџет за одредени институции во кои сме вклучени и ние. Сметам дека овој начин на финансирање со делегиран буџет е добра одлука од страна на министерот Зоран Љутков и Министерството за култура. Ова во голема мера ги олеснува сите подготовки и промени на постоечката програма за истата полесно да се реализира. Околу добиениот буџет можам да кажам дека сме задоволни од добиеното, што најмногу ќе се почувствува на квалитетот на нашата работа.
Колку е важен приходот од билетите?
Приходот од продажбата на билетите исто така има свој удел и помага во покривањето на дел од трошоците кои не можеме да ги покриеме со буџетските средства и секако овој приход значајно придонесува за непречена работа на институцијата и го олеснува нашето функционирање.
Дали размислувате за спонзорства?
-Тоа е интересно прашање, одговорот е да, но претпоставувам дека компаниите имаат свои сфери на интерес и не сме стигнати на ред. Вложувањето во културата од страна на компаниите е многу важно и сметам дека треба да се биде партнер во градењето на вистинските културни вредности во земјава.
Во пресрет на вториот концерт за годинава со афро-кубанска музика под диригентство на вашиот поријател, гостинот од Австрија, Зиги Фајгл, кој е најавен за 20 февруари, да откриеме нешто повеќе за програмата за сезона 2025. Со што ќе ја израдувате публиката во новата сезона?
-Оваа година ќе имаме 12 премиери, ќе имаме гости од странство – од Португалија, Франција, Америка, Африка, од Хрватска итн. Секако, сакаме да го потенцираме македонското творештво и да му оддадеме почит. За оваа година ексклузивно би го најавил концертот кој што ќе биде посветен на творештвото на Зоран Маџиров. Ќе бидат изведени композиции од албумите Балкан Нуево како и некои неиздадени негови композиции. Концертот е предвиден да се реализира во април. Аранжманите за оркестарот се во подготовка, а ќе имаме и гостин солист на вибрафон во негова чест.
Претходно, во март, ја имаме Марија Мендес (Португалија), една прекрасна пејачка. Нејзиното пеење се движи во опсегот на фадо музиката, кое е аранжирано за џез оркестар, и мислам дека тоа ќе биде еден фантастичен концерт.
За Фестивалот по повод Светскиот ден на џезот – 30 Април, лани имавме 12-часовна програма кај Ибни Пајко. Оваа година планирамем да биде два дена – 29 и 30 април. Имаме гости од Америка, Австрија Србија , Бугарија како и од Македонија целата програма за фестивалот ќе ја објавиме следниот месец.
Начелно се договорени и нашите гостувања за оваа година. Одиме во Нови Сад, во Србија, во Сплит и Загреб во Хрватска, Прага во Чешка, ќе настапиме и во Унгарија, Франција. Во преговори сме за настап со оркестарот и во Софија. Продолжуваме со гостувањата во градовите низ државата. Остануваме посветени на добрата квалитетна музика, отсвирена на високо уметничко ниво и ќе настојуваме истото да го задржиме, но и дополнително да го подобриме.
Кога сме кај домашното творештво колку е важно поттикнувањето на сопствено џез творештво?
-Таа идеја е присутна уште во статусот на ЗЏМ, и голем дел од таа идеја е преточена и во новава национална установа, со оглед на тоа што конвертиравме од ЗЏМ во Национален џез оркестар, ги задржавме основните начела во нашето функционирање. Важно е да се има фокус на нашето творештво во континуитет, и да пробаме да создадеме традиција; би било добро секоја нова генерација да учи од претходната и да биде подобра. Важно е отворањето на Џез академијата во Штип, и Катедра за џез и популарна музика на Факултетот за музичка уметност во Скопје. Тоа е одлична можност за помладите да го усовршат нивното знаење за подоцна да придонесат во севкупниот развој на музиката . Со формирањето на Националната установа верувам дека младите кои ќе произлезат од овие институции ќе имаат простор каде да го насочат знаењето, да бидат дел од оркестароти заедно да музицираат со нас.
Убаво е да се спомне дека зачетоците на развојот на џез музиката во земјава се од минатиот век, со формирањето на диксиленд оркестрите по завршувањето на Втората светска војна кои ги има во повеќе градови во земјава како Штип, Струмица, Охрид..., а многу денешни музичари се токму новите генерации од некогашните членови на овие оркестри, како што се Зоран Маџиров, Мартин Ѓаконовски, син на легендарниот Драган Ѓаконовски Шпато кој го формира оркестарот при МРТ. Таа музика зема залет преку организирање, компонирање и снимање македонски песни изведувани од популарни пејачи на Скопскиот фестивал, како и џез концертите на Оркестарот на Радио - телевизијата, кој згасна крајот на 90-те, почетокот на 2000 година. Едноставно сите оркестри беа распуштени.
Оттогаш до денес се поминати безмалку 25 години. Иако, во меѓувреме имаше неколку обиди за враќање на оркестрите, тоа не се случи. Убавото е што една цела генерација, не знам дали ќе се повтори некогаш, врвни инструменталисти, композитори, аранжери, образувани надвор на џез академии, се дел од оваа успешна приказна и со заедничка работа успеавме невозможното да го направиме да биде возможно. Некако идејата, посветеноста, ентузијазмот, позитивната мисла ...резултираше со формирање на џез оркестарот. Историски момент е за Македонија како држава што во поново време се формира ваков оркестар како институција која ќе придонесе за создавање на трајни вредности, како и нејзино активно учество во развојот не само на џез музиката, туку и за музиката во земјава воопшто.
Џез оркестарот засега нема свои простории, ниту своја сала, па концертната програма изминатата година ја изведувавте во салите на Националната опера и балет каде изведовте најголем дел од вашата програма и во Филхармонијата. На која од овие сцени се чувствувате свои, која би ја издвоиле според акустиката?
-Сме настапувале во секоја сала и секаде си има своја убавина. Во однос на акустиката, можеби за нашиот оркестар повеќе би одговарала сала како Опера и балет и МНТ. Филхармонија е исто така одлична бидејќи во неа условите за реализација на нашите концерти се многу полесни, поедноставни наспроти салите во МНТ и Операта и Балетот кои имаат своја редовна програма, со масивни сценографии за што им треба ден –два поставување на сцената, и уште толку за да ја растурат.
Од минатата година веќе почнавме да концертираме и во МНТ. Така што имавме концерти во НОБ , Филхармонија и во МНТ соработката е навистина на едно извонредно ниво. Со сите три институции, потпишавме и Меморандум за соработка, така што јас би ги поздравил јавно и би им се заблагодарил на целата поддршка од трите институции што ни излегуваат во пресрет да може да си ја работиме нашата работа, да подготвуваме убави концерти и да ја радуваме публиката со нови премиери и интересни гости.
Дали можеби посакувате ваша сопствена концертна сала, колку ви е блиску или далечна идејата за сопствен концертен подиум?
-Секако дека е добро да имаме своја концертна сала, на оваа тема не би знаел во моментов што конкретно да одговорам. Веројатно со тек на време ќе се отвори и тоа прашање од страна на Министерството за култура.
До каде е реконструкцијата и опремувањето на „КУЌАТА НА ЏЕЗОТ“ - просторот што го добивте под објектот на Националната опера и балeт во кој што е предвидено меѓу другото и мало студио и дали имате во план издавање носачи на звук од настапи на бендот или студиски снимки?
-Реконструкцијата на просториите очекувам да завршат скоро. Нема многу останато од големите градежни активности, веќе се работи на санирање на платото над просториите, кое малку се пролонгираше поради временските услови. Целиот зафат треба да финишира некаде до јуни. Што се однесува до предвидените нови простории би сакал да истакнам дека од голема важност е планираното студио каде доколку навремено бидат готови новите простории ќе имаме чест и задоволство нашиот прв албум да биде снимен токму во истите. По отсвирени стотина концерти низ годиниве ова ќе биде лична карта на оркестарот.
Присутни сте на социјалните мрежи, а оваа година добивате и нов визуелен имиџ преку соработката со академскиот ликовен уметник Сергеј Андреевски.
-Соработката со г. Сергеј Андреевски на обострано задоволство е многу симпатична поради тоа што тој како голем вљубеник во џезот има доста слики на таа тема. Негова беше идејата, доколку ни треба да искористиме некоја слика како дизајн. Со оглед на тоа што сме млада институција, а дизајнот беше една од многуте работи што требаше да ги решаваме за секој концерт , се радувам на добриот епилог и мило ми е што имаме можност да соработуваме со уметник од ваков калибар . Се радувам на соработката, а неговите дела ќе бидат користени за дизајнот за сите наредни концерти.
Појавата на вештачката интелигенција предизвика своевидна револуција во сите сфери од човековата активност. Под закана ли е музиката и музичкото тв орештво?
-Кога е во прашање музиката, станува збор за емоција, за енергија.проекција итн. Се може да биде напишано, да е перфектно изведено, но технички перфектна изведба не значи и споделување на искрена емоција со публиката. Емоцијата на живите музичари не може да се замени со ниту една вештачка интелигенција, така што од тој аспект мислам дека сме безбедни. Совршеноста на машините наспроти човечката совршеност... многу различна приказна каде сметам дека и понатаму ќе опстои музиката креирана од оние на кои им е дадено. Живата изведба нема замена.
Со вашиот Септет имавте многу успешни настапи, а снимивте и два албума (7 stories и Homage to a Dreemer). Колку семејните обврски и менаџерската функција во оркестарот ви остава простор за сопствено творештво?
-Кога сте на раководно место тешко е да се постигне баланас помеѓу овие работи .Сакам да се заблагодарам на моето семејство за поддршката што ја добивам. Во контекст на правење нова музика не останува време посериозно да работам на ново издание . Она што уште не ме напушта е желбата за свирење и пробувам да сум доследен, иако и за тоа не останува време дури ни за вежбање. Добро е што можам да посвирам со моите колеги.
Виолета Геров
Фото: Фросина Насковиќ