• петок, 05 декември 2025

Во ЈКП „Стандард“-Дебар доделени 19 решенија за работа

Во ЈКП „Стандард“-Дебар доделени 19 решенија за работа

Дебар, 4 август 2025 (МИА) - Директорот на дебарското Јавно комунално претпријатие „Стандард“, Бурим Каба, додели 19 решенија за работа на неопределено време на работници кои подолг период работеле со договор на дело. Станува збор за еден инженер, еден водоинсталатер и комунални работници, со што според Каба ќе се подобрат услугите.

-Чувствувам посебно задоволство што на овие наши работници конечно им го решивме статусот. Морам да напоменам дека тоа благодарение на успешното менаџирање, зголемената наплата која од поранешните 30 сега изнесува 60 проценти и секако домаќинското работење, рече Каба при врачувањето на решенијата.

Додаде дека овој чекор има јасна функција во обезбедувањето на потребниот број работници, мотивирање на персоналот и работење на капацитетите на претпријатието во служба на жителите на градот и населените места.

Во ЈКП „Стандард“ вработени се 80 работници кои се грижат за хигиената и водоснабдувањето на жителите на оваа општина.

Претпријатието стопанисува со водоводот Росоки-Дебар, од кој со вода за пиење се снабдува градот, селата Рајчица и Долно Косоврасти, а преку кракот кај Мелнички Мост и дел на општина Центар Жупа.

Освен во градот за комуналната хигиена се грижат и во населените места Џепиште, Отишани, Рајчица и Долно Косоврасти.

По потреба на припомош се и на ТППЕ во гаснење пожари со цистерната за вода, како што деновиве беше во село Могорче при пожар на објект. вт/вј/

Фото: ЈКП „Стандард“

Остани поврзан