• недела, 30 март 2025
Македонски
  • English
  • Shqip
  • Македонски

Старото училиште во Кучково прераснува во Регионален центар за рехабилитација и ресоцијализација на деца излекувани од канцер

Старото училиште во Кучково прераснува во Регионален центар за рехабилитација и ресоцијализација на деца излекувани од канцер

Скопје, 26 март 2025 (МИА) – Министерството за локална самоуправа и општина Ѓорче Петров денеска официјално го промовираа проектот „Приказната продолжува“ за изградба на Регионален центар за рехабилитација и ресоцијализација на деца излекувани од малигни заболувања, преку реновирање и адаптација на старото основно училиште во скопското село Кучково.

Објектот е на површина од 650 квадратни метри и има капацитет за престој на 20 деца со придружба на еден родител во комплетно опремени простории и училници за он-лајн образование, за физикални вежби, соба за психо-социјални работилници, а има и соби за игра и „мирна соба“ за рехабилитација. Во завршна фаза е уредувањето на просториите и хортикултурното уредување на дворот по што официјално ќе биде пуштен во употреба.

Градоначалникот Александар Стојкоски рече дека општина Ѓорче Петров го добива првиот регионален центар за деца кои го победиле канцерот во стариот објект на училиштето во Кучково, во кој по 100 години повторно ќе се врати детскиот жагор.

-Овој Центар ќе значи многу надеж, нови можности, нови перспективи за сите оние мали херои коишто се избориле со канцер. Проектот „Приказната продолжува“ беше инспириран од сите нив поради потребата од помош во периодот на лекување и потоа, а целта е да им дадеме максимум психосоцијална поддршка во процесот на нивната ресоцијализација и повторна интеграција во општеството, по долгиот престој во болничките установи, истакна градоначалникот Стојкоски кој се заблагодари на сите чинители во реализацијата на проектот.

Нагласи дека верува оти овој проект ќе биде пример не само за другите општини во земјава, туку и за општините во регионот.

-Посакувам да прерасне во прекрасен центар во кој многу дечиња ќе имаат можност да се ресоцијализираат и да се вратат во нормалните текови на животот, рече Стојскоски

Марија Вук, претседател на НВО САНО, дел од иницијаторите на проектот, се заблагодари на институциите кои ја препознаа идејата старото училиште во Кучково да стане Центар за рехабилитација и ресоцијалзација на децата кои се бореле со канцер.

-Не станува збор само за обичен објект и едно старо училиште, станува збор за еден паметник кој во иднина ќе нѐ потсети дека доколку нешто вистински се сака, се може и дека само зачувана историја е нашата лична карта, а влогот во образованието и воспитанието на децата е патот кој води кон вистински систем на човекови вредности, порача Вук и додаде дека децата ќе си го продолжат животот и напредокот во објектот село Кучково.

В.д. директорката на Центарот за развој на Скопскиот плански регион (ЦРСПР) Розета Арсовска истакна дека реконструкцијата и адаптацијата на некогашното училиште произлезе како едно од барањата на граѓаните преку Регионалните форуми на заедниците, организирани од ЦРСПР.

-Горди сме на проектот кој произлезе од регионалните форуми организирани од нашиот центар кој на децата ќе им овозможи здравствена, социјална заштита и рехабилитација, како и едукација и ќе им помогне за повторно вклучување во образовниот систем на еднакви основи со нивните соученици, бидејќи подолг период отсуствуваат од образовниот процес, изјави Арсовска.

Министерот за локална самоуправа Златко Перински изрази надеж дека во иднина ќе видиме многу насмевки во објектот на поранешното училиште во Кучково. Ова, како што рече, е еден од десетте проекти кои Министерството ги реализира со финансиска поддршка на Владата на Швајцарија. Вкупна вредност на реконструкцијата на објектот е 23,57 милиони денари, од кои 8,43 милиони се обезбедени од Швајцарска агенција за развој и соработка, 10,38 милиони од Министерството, а Општина Ѓорче Петров учествува со 4,75 милиони денари.

-„Приказната продолжува“ е наш мал придонес во насока на поддршка за младите борци кои ја победија исклучително тешката болест и искрено се надевам дека во иднина во овој објект ќе се видат многу насмевки, а децата ќе се ресоцијализираат и навистина ќе го градат патот и секој нов ден во насока на подобра иднина за сите нив. Се надевам дека како Министерство, а убеден сум дека и како Влада, ќе можеме да бидеме сведоци на реализација на многу вакви проекти кои ќе донесат подобро утре за сите граѓани, порача Перински.

„Приказната продолжува“ е дел од проектот „Одржлив и инклузивен рамномерен регионален развој“ фаза 2, што го спроведува Министерството за локална самоуправа со финансиската поддршка на Владата на Швајцарија и учеството на Општина Ѓорче Петров. вј/ев/

Фото: МИА

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан