• вторник, 24 декември 2024

Стано: Нападот со интерконтинентална ракета врз Украина е сигнал дека Путин не е подготвен за мир 

Стано: Нападот со интерконтинентална ракета врз Украина е сигнал дека Путин не е подготвен за мир 

Брисел, 21 ноември 2024 (МИА) - Извештаите дека Русија употребила интерконтинентална балистичка ракета за напад врз цел или цели во Украина, претставуваат јасен сигнал за понатамошна ескалација на конфликтот од страна на рускиот претседател Владимир Путин, изјави денеска портпаролот на Европската комисија за надворешни работи и безбедносна политика Петер Стано. 

- Тој започна со предизвикување прехранбена и енергетска криза, сега се повеќе и повеќе се обидува да игра со гладот и зимата, а тоа што со дронови, бомби и проектили ја таргетира енергетската и цивилната инфраструктура во Украина, е јасен показател на желбата за ескалација и тероризирање на населението, рече Стано. 

Според него, Путин повторно игра на картата на нуклеарна закана со неодамна ажурираната нуклеарна доктрина на Русија, а дополнително на европско тло повика и севернокорејски војници. 

- Се ова се јасни сигнали за желба за ескалација, а не за желба за изнаоѓање пат кон мирот. Секако, употребата на интерконтинентална балистичка ракета би била уште една квантитативна и квалитативна промена во пристапот и јасен сигнал за ескалација, додаде Стано. 

Во одговор на прашање дали нападот со интерконтинентална балистичка ракета врз Украина може да се смета како сигнал на Москва до Брисел и ЕУ, Стано истакна дека секој чекор од страна на Русија со илегалната агресија врз украинскиот народ е порака до Украинците, Американците, Европејците и до целата меѓународна заедница дека Путин е непредвидлив агресор, кој патем е баран за можни воени злосторства од страна на Меѓународниот кривичен суд. 

- Тоа е и сигнал што тој мисли за ескалацијата и за мирот. Да, секако, дека тоа е навистина многу јасен сигнал, чие значење веројатно и очигледно му е познато само на неговиот автор. Но, ние во тој сигнал гледаме и читаме каква е неговата подготвеност за постигнување мир, а таа е никаква, додаде Стано. 

Запрашан дали на користењето на интерконтинентална балистичка ракета може да се гледа како на прв чекор кон нуклеарен напад, Стано одговори дека Путин игра на картата на нуклеарната закана цело време од почетокот на агресијата врз Украина. 

- Тоа започна со заземањето и воените операции во околината и во објектите на најголемата нуклеарна централа во Европа, нуклеарната централа во Запорожје. Да не заборавиме, таа е се уште окупирана од руските војници, кои одвреме-навреме се доведени во ситуација да се борат многу блиску до оваа нуклеарна постројка, нагласи Стано. 

Тој додаде дека сега Русија дополнително покренува прашања и за нуклеарна доктрина и нуклеарна одмазда.  

- Дали навистина го мислат тоа е многу тешко да се предвиди. Не можеме да видиме што е во нивните глави, но знаеме дека ова е неодговорно однесување и претставува глобална закана не само за стабилноста, туку и за безбедноста и тоа не само на Европа, туку и на светот, потенцира Стано. сп/ 

Фото: МИА Архива 

Остани поврзан